
Гаши е за електронско гласање на дијаспората, но да биде загарантирана тајноста
Претседателот на Собранието Африм Гаши ја поддржува идејата за електронско гласање, доколку се овозможи идентификација на гласачите и тајност на гласањето. Ги повика координаторите на пратеничките групи да се обидат да постигнат компромис за Изборниот законик.
Претседателот на Собранието Африм Гаши ја поддржува идејата за електронско гласање, доколку се овозможи идентификација на гласачите и тајност на гласањето. Ги повика координаторите на пратеничките групи да се обидат да постигнат компромис за Изборниот законик.
На брифинг со новинарите претседателот на Собранието Гаши денеска рече дека електронското гласање било и во програмата на неговата политичка партија Алтернатива.
„Јас сум за електронско гласање, па и кај нас да се овозможи електронско гласање, но не знам кога би било тоа така“, рече Гаши.
„Ако веќе плаќаме сметки преку банка, средства уплаќаме и сѐ е електронско…Прашав и неколку ИТ експерти дали може да се обезбеди приватност и безбедност во гласањето, ми тврдат дека тоа може да се направи, но за тоа треба политичка волја“, рече претседателот на Собранието.
По денешната редовна полнеделничка координација со првите луѓе на пратеничките групи, тој информираше дека на 13 јули е седницата за реконструкција на Владата, која треба да трае два дена, а новите членови на Владата ќе се гласаат поединечно.
Општата расправа за ребалансот на Буџетот ќе трае до 8 јули, кога почнува разгледувањето на амандманите. Поднесени се 224 амандмани и тоа најмногу од ДУИ 90, СДСМ има поднесено 78, Левица 51 и Вреди пет. Ребалансот на Буџетот треба да се најде на седница на 23 јули.
На 30 јули е седницата за пратенички прашања, последна пред летниот одмор на пратениците.