Вратен е знакот „Ја сакам Кисела Вода“ на истото место

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Георгиевски денеска на својата фејсбук страница сподели фотографија на која се гледа дека на пешачкиот остров меѓу улицата Народни херои и булеварот Борис Трајковски, повторно е вратен знакот „Ја сакам Кисела Вода“. Овој знак пред четири месеци беше урнат од градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.

Градот тогаш донесе решение за отстранување, за кое градоначалникот рече дека е правно неиздржано поради тоа што во него, случајно или не, се бара отстранување на објект во Општината Аеродром, а не во Кисела Вода.

Знакот беше урнат во октомври лани, откако Арсовска се скара со ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски. Тогаш Георгиевски најави дека тој повторно ќе биде вратен на локацијата.

Сега Георгиевски не напишал текст, туку само објавува фотографија со вратениот знак.

Останува да се види дали Арсовска ќе го остави знакот, или тој повторно ќе има судбина да биде отстранет.