
Утре со почеток во 20:00 часот, на платото пред арена „Борис Трајковски“ се организира собир на кој ќе му биде оддадена почит на Владо Јаневски.
Македонскиот пејач, композитор и текстописец почина синоќа на 66-годишна возраст, по кратко боледување, на една од скопските клиники.
Јаневски е едно од најзначајните имиња на македонската поп-музика, а во текот на повеќедецениската кариера создаде голем број хитови, меѓу кои „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“ и „Еден бакнеж“.
„Утре, во 20:00 часот, на платото пред арена Борис Трајковски ќе се собереме за последен пат да му оддадеме почит на Владо Јаневски.
Нека неговите песни одекнат уште еднаш, нека светлината од свеќите биде нашето ‘благодарам’, а нашето присуство доказ дека големите уметници никогаш не се забораваат.
Ги повикуваме сите што го сакаа, почитуваа и растеа со неговата музика да ни се придружат.
Да го испратиме достоинствено. Со песна. Со тишина. Со љубов.
Затоа што легендите никогаш не умираат. Тие засекогаш остануваат во срцата на својот народ“, објавија од Прагма продукција.