Во протестите во Тирана повредени 16 полицајци, нападнато седиште на социјалистите

Во синоќешните протести во Тирана, кои се одржаа шести ден, повредени се 16 полицајци, а нападнати беа и седиштето на владејачката Социјалистичка партија и зградата на Министерството за внатрешни работи, пренесе „Албаниан пост“.

Во синоќешните протести во Тирана, кои се одржаа шести ден, повредени се 16 полицајци, а нападнати беа и седиштето на владејачката Социјалистичка партија и зградата на Министерството за внатрешни работи, пренесе „Албаниан пост“.

Маскирани демонстранти фрлале камења, молотови коктели и пиротехника кон полицајците, а се запалиле Полициската станица број 3 и главниот влез на Министерството за внатрешни работи. Нападнато било и седиштето на Социјалистичката партија, каде што биле искршени прозорците на главниот влез од зградата.

За време на судирите меѓу полицијата и демонстрантите повредени се и еден малолетник и еден новинар, а полицијата за време на интервенцијата употреби солзавец и водени топови.

Протестот почна околу 12:30 часот со собирање на учесниците пред Министерството за образование, а веќе околу 13:20 часот беа фрлени првите камења кон полицајците, додека околу 13:50 часот судирите се интензивираа. За време на инцидентите во близина на Министерството за образование, новинар беше погоден со камен во карлицата и му беше укажана медицинска помош.

По 14:00 часот, демонстрантите го напуштија просторот пред Министерството за образование и почнаа протестен марш низ улиците на главниот град на Албанија. По околу еден час, тензии избувнаа во близина на седиштето на Социјалистичката партија, каде што група демонстранти, главно маскирани млади лица, успеа да го пробие полицискиот кордон и почна да ја гаѓа зградата со камења и цврсти предмети.

Демонстрантите ги искршија стаклата на главниот влез во седиштето на Социјалистичката партија, чиј претседател е албанскиот премиер Еди Рама. За време на судирите забележани беа маскирани лица како излегуваат од зградата, од кои некои носеа палки, а полицијата употреби солзавец и водени топови за да ја растера толпата и да ја врати контролата врз подрачјето. Сепак, нападите не престанаа целосно, бидејќи подоцна беа пријавени и други инциденти во близина на седиштето на социјалистите, вклучувајќи фрлање канистери.

По судирите во близина на седиштето на Социјалистичката партија, групи демонстранти околу 15:30 часот пристигнаа до канцеларијата на премиерот, каде што дојде до дополнителни инциденти со органите на редот.

Во попладневните и вечерните часови насилството се прошири во други делови на Тирана, а демонстрантите со молотови коктели ја нападнаа полициската станица број 3, предизвикувајќи пожар и оштетувања на зградата. За време на инцидентот беше пријавено дека се повредени 16 полицајци, додека некои од нив беа видени како лежат на земја внатре во просториите на установата.

Речиси во истата фаза од протестот, молотови коктели и пиротехника беа фрлени и кон Министерството за внатрешни работи, при што главниот влез во зградата се запали, додека демонстрантите продолжија да фрлаат камења и пиротехнички средства кон полицајците кои го обезбедуваа подрачјето.

Во текот на вечерта беа пријавени и други инциденти, при што демонстрантите фрлаа камења и пиротехника кон полицијата, на што полицијата повторно одговори со солзавец. Околу 19:00 часот демонстрантите почнаа да се разидуваат во неколку делови на Тирана, но ситуацијата не се смири целосно.

Протестите, предводени од студенти, почнаа поради незадоволство од состојбите во образованието, високите трошоци за студирање и слабите можности за вработување на младите, но прераснаа во пошироки демонстрации против владата на Еди Рама, со барања за негова оставка.