
Во приватниот фонд фалат 51 милион евра – не биле префрлени од државата
Пари за приватниот фонд нема, а преставници на државниот фонд се прошетале до Јужна Африка на сметка на граѓаните.
Пратеникот од СДСМ, Јован Митрески, на денешната собраниска седница за пратенички прашања укажа дека 51 милион евра од парите на граѓаните не се префрлени во вториот пензиски столб, а надлежните институции не преземаат ништо за решавање на овој сериозен проблем. Митрески, кој упати прашање до претседателот на МАПАС, Ремзи Бајрами, посочи дека долгот кон членовите на вториот пензиски столб постојано расте, додека околу 650.000 граѓани се соочуваат со неизвесност за своите пензиски заштеди.
Тој посочи дека според ревизорскиот извештај, само за јануари и февруари 2026 година не се префрлени околу 40 милиони евра, односно една третина од придонесите за пензиско и инвалидско осигурување што треба да завршат во вториот пензиски столб. И покрај претходните предупредувања, проблемот не само што не е решен, туку долгот дополнително се зголемува.
„Станува збор за околу 650.000 членови на вториот пензиски столб, вклучувајќи ги пасивните. Тоа значи дека станува збор според законот за сите вработени коишто се родени после 1 јануари 1967 година, а се членови на вториот пензиски столб. Пред некое време ја отворив темата исто така на пратенички прашања, затоа што во ревизорскиот извештај, а и до информациите коишто доаѓаат до нас, стои дека за јануари и февруари 2026 година околу 40 милиони евра пари на граѓаните, 1/3 од придонесот за пензиско инвалидско осигурување којшто треба да биде префрлен во вториот пензиски столб не се префрлени. Мојот последен податок е дека на 31 октомври долгот кон вториот пензиски столб е 51 милион евра и тоа е загрижувачки податок“, рече Митрески.
Во обраќањето, Митрески го повика претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Ремзи Бајрами, да одговори што презема во рамките на својата функција за заштита на средствата на граѓаните, додавајќи дека наместо да ја следи состојбата и да ја информира јавноста за милионскиот долг, на интернет-страницата на МАПАС има само промотивни активности, кампањи за штедење, додека парите на граѓаните се доведени во ризик.
„Ден за пензиска свесност, кампања, маички испечатени -пензија без пензија. Штеди денес, уживај утре. 51 милион евра заклучно со 31 – ви октомври неисплатени во вториот столб. Е ова е тоа што најдов, а што работи претседателот на советот на експерти. И балони се направиле… Еве гледам дека сте биле и во Јужна Африка. Интернационална конференција Кејптаун, Јужна Африка. Скоро пред месец дена. Ниедна работа за тоа и ниедна вест ниту на социјални мрежи ниту во јавност што се случува со парите на 600.000 наши сограѓани, сите родени после 1 јануари 1967 година, а не се префрлени во вториот столб“, рече Митрески.
Митрески нагласи дека ова не е прашање на промотивни кампањи и празни пораки за штедење, туку прашање на одговорност за парите на стотици илјади граѓани кои секој месец издвојуваат средства за својата пензија.
„Не најдов ниту една информација што се случува со нашите пари, парите на сите граѓани во вториот столб. Да повторам, 51 милион евра заклучно со 31- ви октомври. Не е за смеење оваа ситуација, ама јавноста мора да знае. Дури не се грижите за штедачите, за членовите на вториот пензиски столб. Сте напишале и химна, еве ќе ја прочитам – „Да штедиш е да знаеш дека трудот твој ќе сјае. Да мислиш за пензија,мудрост е што трае“. 51 милион евра непрефрлени пари да штеди за пензија – мудрост е што трае. Моето прашање е што работите вие поврзано со тоа што ве избрало ова Собрание, ова мнозинство и што земате плата од овие граѓани. Кажете ми дали за ова сте известиле Министерство за финансии, дали сте известиле влада, дали сте известиле Обвинителство“, рече Митрески.
Тој потсети дека ревизорскиот извештај за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување јасно покажува дека заклучно со 27 јуни 2026 година, вклучувајќи ги јануари и февруари, не биле префрлени 2 милијарди и 590 милиони денари, односно над 40 милиони евра.
„Тогаш апелирав, ама очигледно ниту нешто се средило, ниту нешто се подобрило, ниту некој нешто го интересира, затоа што денес долгот е за скоро 11 милиони евра поголем од тој што бил во февруари 2026. Ја прашав тогаш министерката за финансии на пратенички прашања и ме пренасочи на вас и на директорот на Фондот за пензиско, него не можам да го повикам“, рече Митрески.
Митрески потсети и на претходниот одговор на министерката за финансии, според кој одговорноста за менаџирање на средствата е кај раководството на ПИОМ, односно кај директорот на Фондот, кој треба да одлучува за приоритетите.
Но, законските обврски не се прашање на личен избор или приоритет, порача Митрески. Директорот на ПИОМ има јасна законска обврска веднаш, а најдоцна во рок од пет дена од приемот на придонесите, да ги префрли средствата во вториот пензиски столб.
Митрески побара од претседателот на Советот на експерти на МАПАС да одговори дали за состојбата ги известил Министерството за финансии, Владата и Јавното обвинителство, но и дали ќе покрене иницијатива за разрешување на директорот и заменик-директорот на ПИОМ.