Во Бугарија 49% од граѓаните се за тврда позиција на Софија кон Скопје

Анкетата на Агенцијата „Алфа рисрч“ во Бугарија покажува дека вкупно 31 отсто од бугарските граѓани го поддржуваат најавениот нов, пофлексибилен пристап во преговорите со Северна Македонија, а за придржување до досегашниот поцврст став се изјасниле 49 отсто од испитаниците кај нашиот источен сосед, додека 20 проценти немаат став.

Анкетата е спроведена во периодот од 6. до 14. февруари на примерок од 1.060 испитаници.

Во претходните анкети околу односот кон С. Македонија за време на Владата на Бојко Борисов и министерката Екатерина Захариева поддршката за тврдиот пристап изнесуваше и до 80 отсто.

Според Агенцијата, по ова прашање, тенките црвени линии не минуваат само меѓу коалициските партнери, туку и кај нивните поддржувачи.

Со исклучок на Демократска Бугарија, поддржувачите на сите партии во владејачката коалиција, вклучително и оние на Промената продолжува, на премиерот Кирил Петков, му даваат предност на досегашниот пристап.

Во анализата на Агенцијата се наведува дека според речиси сите главни показатели кои „Алфа рисрч“ ги следи повеќе од 20 години, мислењата на луѓето се многу поларизирани. И покрај промената на седум редовни влади во овој период, беше многу ретко да се види толку брзо и различно темпо во еволуцијата на ставовите на јавноста во раните месеци на една влада, како што е забележано во тековната студија на агенцијата.