Во Белград е уапсен нарко босот – Дарко Шариќ!

Еден од најбараните криминалци на Балканот – Дарко Шариќ кому 12 години му се суди за трговија со дрога, денеска е уапсен за сосема нови кривични дела. Тој бил приведен во просториите на Службата за борба против организиран криминал, а потоа треба да биде префрлен во Специјалниот суд.

Српските медиуми објавија дека во денешната полициска акција се приведени Дарко Шариќ и неговиот адвокат Дејан Лазаревиќ, кој е и адвокат на Вељко Беливук и Марко Миљковиќ. Информациите се дека е приведен и Урош Мишиќ.

Тој сега е осомничен за организирање криминална група одговорна за неколку убиства во Србија и Црна Гора, а наводно поседувал два сателитски телефони и апликација „Скај“.

Дарко Шариќ беше уапсен во 2014 година во заедничка акција на државните органи на Србија и Црна Гора и пренесен во Белград откако беше осомничен за шверц на 5,7 тони кокаин од Јужна Америка во Западна Европа во текот на 2008 и 2009 година.

За тоа дело Шариќ како организатор на групата е осуден на 15 години затвор.

Апелацискиот суд во Белград на крајот на минатата година му го укина притворот и му одреди куќен притвор со електронски надзор.