ВМРО-ДПМНЕ: Молчи Бочварски за вработувањето на сопругата и балдзата во ист ден, веднаш од „клупа“

Непотизмот и злоупотребата на позиции станаа синоним за владеењето на клептоманската СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Вработувањето на сопругата и балдзата на министерот Бочварски се само потврда за тоа. Имено тие две во ист ден, без оглас, биле вработени во штипската болница. Се работи за општи доктори коишто немаат ниту шестмесечен стаж по дипломирање, а се вработени во специјалистичките оддели на Интерна и на Педијатрија во Клиничката болница – Штип. Ова ухлебување веднаш од ученичка клупа следи еден месец откако Бочварски стапил во брак.

Бочварски молчи. Молчат од Штипската клиничка болница, молчат од министерството за здравство. Очигледно сите се фатени во длабок офсајд. ДКСК е должна да го провери овој случај и да се произнесе за него. Недозволиво е за ваков скандал да се молчи. Зарем е нормално вакво фамилијаризирање да се случува и никој да не реагира.

Дополнително, Бочварски наместо да изигрува главен кадровик во здравството, треба да излезе јавно и да објасни како ги ухлебил сопругата и балдазата во јавното здравство. Ваквото самоволие на власта на антимакедонската СДС мора да престане. Мора да има одговори и одговорност“, се вели во соопштението на опозициската партија.