ВМРО-ДПМНЕ: За осум функционери од СДС и ДУИ вкупно 1,5 милиони евра, а за народот нема пари

Аферата Паразити го разоткри аздисаното и апсурдно трошење на парите на граѓаните за плати на функционери именувани од оваа власт на СДС и ДУИ, обвиниваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, последниот пример за тоа се хонорарите на Андреј Жерновски и Кире Станкоски.

„Андреј Жерновски добива месечен надоместок од 1000 евра како координатор на проектната единица за изградба на клинички објект. Од министерството за здравство до сега има добиено 18.000 евра, а граѓаните не можат да видат ниту цигла од неговото координирање. Кире Станковски добива 2.000 евра месечно како генерален директор на Тутунски комбинат Прилеп, а во исто време тутунарите од прилепско не можат да си го наплатат трудот и едвај врзуваат крај со крај. Во еден мандат Станковски ќе заработи речиси 100 илјади евра. Додека лицемерната власт на СДС и ДУИ ги тера граѓаните да штедат, дури ги тера студентите да преживуваат, дури крати средства за проекти во интерес на граѓаните под изговор дека нема пари, функционерите кои ги именува добиваат баснословни суми за плати и хонорари“ – се вели во денешното соопштение на партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат и нови случаи на, како што велат, раскалашено трошење во време кога народот гладува.