
(Видео) Трилинг: Македонија на дипломатска раскрсница меѓу САД и ЕУ
Во „Трилинг“ гостуваа поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на ДУИ Бујар Османи, д-р Константин Битраков асистент по управно право и Валентина Тасева основач и директорка на Семос едукација. За германските приоритети и политиките на идниот Канцелар Мерц со новинарот Александар Методијев.
„Исходот од изборите покажа дека во Германија е можна влада само со две партии, тоа се ЦДУ и СПД. Велам само со овие две партии заради тоа што ЦДУ претходно повеќе пати исклучи можност за коалицирање со АфД, која што всушност по сила е втората партија во државата. Добија малку над 20% од гласовите. Значи петтина од гласачите во Германија гласале за оваа десно-радикална партија, изјави за Трилинг, новинарот Александар Методијев.
-Германија по овие избори, по формирањето на нова Влада ќе се концентрира многу повеќе кон себе односно кон внатрешните проблеми и тие не се само миграцијата, тука проблемите се со економијата, безбедноста и повеќе други горчливи теми.
– Секако една од најважните теми во однос на прашањата од меѓународен план се ставовите односно новите позиции на Америка во однос на Европа. По доаѓањето на Трамп на власт стана јасно дека Европа мора малку повеќе да се погрижи за својата безбедност и затоа Германија ќе треба повеќе да инвестира во својата одбрана. За тоа да може да го направи ќе треба да се промени границата која дозволува задолжување на државата.
– За тоа да се направи на новата Влада ќе и треба поддршка и од други партии кои пак се противат на промената на таа граница. Тука спаѓаат левицата и АфД.
Методијев вели дека постои идеја во месецот на истекот на овој мандат на Бундестагот да се донесе таа промена.
„Тука има критики дека граѓаните не гласале за такво нешто. Во изборната кампања не се кажуваше дека тоа ќе се направи и сега се користи мнозинството во стариот парламент, односно во актуелниот парламент за да може да се направи таква промена“, вели Методијев.
„ЕУ покажа дека има потенцијал за солидарност за унифицирање на ставови во критични моменти. На пример кој очекуваше такво единство во ЕУ после нападот во Украина. Но очигледно ЕУ подобро функционира во време на криза, подобро функционира во време кога е под некаква закана или по некаква критика. Јас се сеќавам на првиот мандат на Трамп кога он почна да ги критикува земјите членки на ЕУ за прагот на средства од БДП коишто се издаваат за одбранбените способности на државите. На почетокот тоа личеше како премногу агресивен пристап на Трамп кон сојузниците, меѓутоа сите земји вклучувајќи не и нас стигнавме до 2% од БДП за одбрана, така што не секогаш таквите критики кон ЕУ значат дека се злонамерни. Европа треба да се консолидира, треба да застане на свои нозе, треба да има автономија и одредена одбранбена автономија, сепак е голема моќ во светот“, вели Османи.
Говорејќи за коспонзорството на резолуцијата на САД и за формулацијата и аргументот на премиерот Мицкоски дека Владата така одлучила, Османи вели дека тука треба мудро да се консултирате со сојузниците и на крај после косултациите да донесете одлука којашто ќе се вклопува и во вашите принципи, бидејќи не секогаш слепото следење значи дека покажувате кредибилитет кон партнерите.
„Тоа „Ние одлучивме“, веројатно потсвесно сака да каже дека сепак имаме мала сувереност во одлучувањето и дека не примаме диктати, што е во ред. Ние секогаш сме имале такви ситуации. Јас често самиот сум бил во ситуации кога сме требале да бираме помеѓу европски и американски кандидат и кого да бираме меѓу два сојузника. Или пак одредени резолуции одобено виз а ви Средниот исток. ЕУ да има различна позиција во однос на Израел на палестинското прашање во однос на САД. И вие секогаш тука треба мудро да се консултирате со сојузниците и на крај после косултациите да донесете одлука којашто сепак некако се вклопува и во вашите принципи, бидејќи не секогаш слепото следење значи дека вие покажувате кредибилитет кон партнерите – треба да покажете дека имате систем на вредности, дека имате конзистентност во политиките. Не можам точно да кажам каков би бил нашиот став во овој случај. Очигледно е добро што САД се вклучуваат во некаква иницијатива за да заврши ова што се случува во Украина. Дали требаше подобра координација со ЕУ во тој дел, за да се убедат сите страни за ставот којшто ќе го зазедеме, јас не сум бил сведок на тие динамики“, вели Османи.
На прашањето дали ова може да се доживее како своевидно осветништво кон Брисел или добар потег за да застанеме зад стратешкиот партнер, Османи смета дека многу е важно да го задржите кредибилитетот во надворешната политика, бидејќи „според тоа ве проценуваат дали може да се потпрат на вас во иднина“.
Говорејќи за Францускиот предлог и дали Македонија избрза со својот потпис, Османи вели дека преговарачката рамка е добра и не треба да има промени.
„Мојот потпис следеше после одлука на Влада и одлука на Собранието. Добро е што го прифативме Францускиот предлог затоа што во ова прашање треба мудро придвижување во процесот. Ставање на „гард“ не ве става во поповолна ситуација. Сметам дека преговарачката рамка е добра. Преговарачката рамка не треба да се смени. Тие што беа дел од процесот знаат дека 90% од енергијата во преговорите со Бугарија беше јазикот. Во одредени моменти дури почна и да се крши политичката елита овде дали може некаков компромис да се прифати во делот на јазикот. И ние кога стигнавме за прашањето за коешто се трошеше 90% од енергијата да се добие целосно нашата позиција, другото беше се помалку релевантно и не смееше да се испушти“, вели Османи.
На прашањето дали кај премиерот Мицкоски се препознава ретерирање или во најмала рака омекнување на позициите во однос на можното наоѓање, постигнување на договор со Бугарија или пак неговата комотност во владеењето му остава доволно простор во одржување на таа цврста рака – не за компромис со Бугарија по секоја цена, Османи вели дека никој не бара компромис со Бугарија по секоја цена, ниту некој тоа го прифатиле и додава премиерот го има комодитетот во краток рок, но како ќе помине времето фрустрациите се повеќе ќе се зголемуваат.
„Никој не бара компромис со Бугарија по секоја цена, ниту ние тоа сме го прифатиле. Затоа во овој дел, во прашањето на цената, во прашањето на условувањата, ние како опозициска партија се нудиме да помогнеме на владата, бидејќи тоа е заеднички државен интерес. Тука немаме дилема дека не смееме политички да профитираме на најважната тема за граѓаните. Дали премиерот го има комодитетот – го има во краток рок, но како ќе помине времето фрустрациите се повеќе ќе се зголемуваат. Разликите ќе бидат многу поочигледни. Албанија се движи во процесот, тоа ќе го чувствуваат граѓаните на Албанија, која што ние од поблиска перспектива ќе почнеме да го гледаме. Оттука и притисокот дека не можеме да останеме изолирани ќе биде поголем“, потенцира Османи.
Околу тоа дали има контакти со Артан Груби и дали Мицкоски успеал да ги приземји како партија, Османи вели дека нема контакти со екс вицепремиерот и дека премиерот успела да го навреди и понижи албанскиот народ?
-Јас не. Откога не е тука не сум имал. Но во делот дали се дистанцираат политичките партии – ДУИ не ја засновува својата политичка иднина на односот со другите политички партии, туку на поддршката што ја добива од граѓаните. Нема дилема дека ДУИ во моментов е посилна дури и од најдобрите свои времиња“.
-Мицкоски успеа да го навреди албанскиот народ, да го потчини албанскиот народ. Јас на пример го победив мојот против кандидат, Арбен Таравари, со 40.000 гласови повеќе. И сега тој ми е мене претпоставен Кој одлучи? Како може 40.000 Албанци да бидат помножени со нула заради одлука на премиерот. Тоа е порака до Албанците дека вие сте неважни, вашиот глас е неважен, џабе излегувате да гласате, вас треба да ви покажеме каде ви е местото. Затоа сметам дека не го приземји ДУИ, туку ги понижи Албанците“, вели Османи.
Дали Вештачката интелигенција (ВИ) ќе создаде нов светски хаос не би можела да кажам, но длабоко сум уверена дека прво ќе создаде различна економија од таа што дееска ја познаваме. Порано учевме како да корисиме камера, па имавме курсеви за фотографи, денеска никој не размислува како користи фотографија, сите имаме на мобилниот телефон и на никого не му е тешко да сликне се што сака. ВИ ќе дојде до тоа нив, ќе ја користиме, а веќе ја користиме на начин на којшто многу често и не сме свесни дека ја користиме, но ќе стануваме се посвесни за тоа. Значи ќе стане дел од нашето работење. Ке земам пример со графички дизајнер. Тој порано мораше да знае еден куп апликации, па мораше да има чувство за креативност, за дизајн, желба. Денеска сите ние на некој начин многу полесно да станеме графички дизајнери, не до таа мера како професионалците, но за таа основна дневна потреба доволно е понекогаш да знаеме да го поставиме правилното прашање до ВИ“, вели Валентина Тасева, основач и директорка на Семос Едукација, околу новиот предизвик наречен Вештачка интелигенција и дали како држава ќе успееме да се прилагодиме на новите технолошки изуми.
Прашана за тоа дали со ВИ ќе се загрозат одредени работни места и ќе нема потреба од толку луѓе на една позиција, Тасева вели дека ќе успеваат индивидуалците коишто знаат ВИ во однос на оние коишто ќе сметаат дека тоа можеби никогаш нема да дојде.
„Ќе треба и луѓе да имаат различен сет на знаење, односно ќе се промени описот на работното место. Многу повеќе ќе успеваат компаниите коишто имаат едуцирани луѓе, ќе успеваат индивидуалците коишто знаат ВИ во однос на оние коишто ќе сметаат дека тоа можеби никогаш нема да дојде, но ќе дојде“, вели Тасева и додава дека ВИ не е само технологија туку бизнис трансформација за компаниите, промена на начинот на живот.
„Многу е тешко да се утврди процентот на луѓе коишто работат и коишто не работат. Тоа се толерира бидејќи ниту една политичка опција досега не се решила да нема рез во јавната администрација, што не значи дека не е предвидено. 2010 кога е усвоена Стратегијата за реформа на јавната администрација пишува дека ќе се намалува бројката на вработени во јавната администрација за 10% годиншно. Во 2018 година, исто така се спомнува оптимизација. 2023 повторно е донесена Стратегијата. Очигледно тоа не е спроведено. Оттука сметам дека прашањето повеќе не е прашање на имање или немање на стратешки акти или имање или немање на соодветни законски решенија, туку сметам дека е прашање на волја“, изјави за „Трилинг“, асистентот на Правниот факултет, Константин Битраков, говорејќи за феноменот дека 30 до 40% од администрацијата си ја работат работата и логичното прашање – што прават останатите, дали функционираат по принципот земај плата – клати врата и зошто ако е така тие сѐ уште се толерираат доколку се неупотребливи.
Околу најавите за нов закон за правична застапеност откако пред неколку месеци беше укинат т.н Балансер и дали со новото законско решение ќе стави крај на етнизацијата при вработувањата, Битраков вели дека е добро што е укинат Балансерот, но во јавноста сѐ уште се нема појавено нацрт за новиот закон.
„Дефинитивно е добро што се укина Балансерот, бидејќи тој не ставаше во една незавидна положба да неможе воопшто да конкурираме на јавен повик на јавен оглас за вработување во јавниот сектор ако не сме припадник на дадена заедница. Дали новиот закон ќе ги реши проблемите или ќе биде подобар од Балансерот не можам да кажам бидејќи, ако не грешам, во јавноста не сме виделе некој нацрт на тој закон“, вели Битраков.
Говорејќи за тоа дали сугестиите и препораките од ДКСК во кои се бара да се забрани партиското пазарење при вработувањата допираат до политичките партии, Битраков смета дека има простор за подобрување и дека може да се подобри јавниот сектор, но потребно е на ниво на политички институции да се има желба за тоа.
„Треба да се постават способни директори на институциите па и министри, да има стабилност во политиките, значи да имаме еден реформски период во кој нема многу да ги менуваме менаџерите и тие ќе бидат лица коишто ќе знаат да менаџираат со институција и потоа треба да ги применуваме законите. Законите ги има, имаат некои недостатоци, затоа има сега реформски процес на носење на нови закони, и треба тие закони коишто се однесуваат на вработените да почнеме доследно да ги применуваме. Тоа е се што ние треба да направиме. За да го направиме тоа треба да има желба. Друг аспект е, на подолг рок, реорганизирањето на ниво на институции – да речеме и костатираме дека дел од институциите не се потребни, да ги укинеме, да ги сведеме на помала бројка, бидејќи ние имаме 1.200 институции кај што има дуплирање на надлежности, премногу директорски места. Имаме и министерство со 40 вработени, а од друга страна иаме јавни претпријатија каде што има правна служба поголема од цело министерство“, вели Битраков.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото.