
(Видео) Славески: Треба да се погледне од каде е изворот на кешот со кој се купуваат станови
🔴 Половина од становите во земјава се купуваат во готово, алармира гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во интервју за магазинот „Трилинг“, отворајќи сериозни прашања за потеклото на тие средства, ризиците од перење пари и растот на сивата економија. 🔴 Во обемно и директно интервју, Славески говори за состојбата со банкарскиот сектор, девизните резерви, недвижностите, цената на златото и улогата на Народната банка како регулатор и партнер во стабилизацијата на економијата. Не избегнува ниту политички прашања – како неговата оставка во ВМРО-ДПМНЕ при изборот за гувернер – ниту теми поврзани со закон за личен банкрот, блокирани сметки, законски решенија и идни вицегувернери.
Половина од становите во земјава се купуваат во готово, алармира гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во интервју за магазинот „Трилинг“, отворајќи сериозни прашања за потеклото на тие средства, ризиците од перење пари и растот на сивата економија.
Во обемно и директно интервју, Славески говори за состојбата со банкарскиот сектор, девизните резерви, недвижностите, цената на златото и улогата на Народната банка како регулатор и партнер во стабилизацијата на економијата. Не избегнува ниту политички прашања – како неговата оставка во ВМРО-ДПМНЕ при изборот за гувернер – ниту теми поврзани со закон за личен банкрот, блокирани сметки, законски решенија и идни вицегувернери.
„Не сум дел од најтесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е неспоиво со мојата функција. Уште кога беше објавена мојата номинација поднесов оставка, односно го ставив во мирување моето членство и во ИК и во партијата“
„Пред пандемијата 2019 година соодносот на купување на станови и објекти за живеење бил поповолен во однос на кредитирањето. 65% се купувале на кредит, а остатокот од 35% во готово. Сега, по моите информации од колегите во Народна банка, односот е 50-50. Се разбира дека е вредно да се погледне од каде е изворот на тие средства. Ние не можеме да шпекулираме, најверојатно има и од заштеди. Понатаму, општо е познато дека еден добар дел од млада популација, особено оние во лукративни дејности од ИТ технологиите кои работат за странски нарачатели ги добиваат приливите на сметки кои се во странство па од таму подигаат готовина која ја внесуваат во Македонија. За други извори на средства останува други надлежни органи тоа да го утврдат, вели за магазинот „Трилинг“ гувернерот на Народната Банка Трајко Славески говорејќи за фрапантниот податок дека половина од становите се купуваат во готово, од каде доаѓа таа готовина, има ли контрола на потеклото на парите и дали е ова најпогодниот извор на криминал и пералница на пари и раст на сивата економија.
„Она што ние како Народна банка преку монетарно-кредитната политика може да влијаеме е во однос на кредитирање. Кога сме кај кредитирањето, тоа не е само кредитирањето на купувачите туку секако треба да се погледне кредитирањето и на изведувачите во станбениот бизнис. Сето останато, дел е сигурно и во сивата економија – затоа што има индикации и дека набавката и на градежни материјали, исплата на надоместоци односно плати на вработените понекогаш се врши во готовина, но останува други институции ова да го утврдат, тука е финансиската полиција, Министерството за финансии коишто заедно со Народна банка се обврзани да вложат максимум ресурси во однос на спречувањето на перење пари“, вели гувернерот на прашањето дали кешот завршува во „бетон“, односно во изградба на станови.

За тоа дали сме сведоци на квази инвеститори и зошто сѐ уште цвета сивата економија, бидејќи ова е некаков индикатор, Славески вели дека дел од активностите во дел од градежништвото што е констатирано од други институции кои имаат и надлежности и поголем инструментариум за контрола на банка тоа веќе го имаат утврдено и медиумите имаат известено за извештаи на овие институции.
Говорејќи за идејата и пораката до банките да ги намалат провизиите и дали има интерес во овој дел имајќи предвид дека и компаниите и физичките лица се жалат дека банките се помалку неприкосновени во тој дел односно дека ги „ошуруваат“ и фирмите и физичките лица, Славески вели дека подолг период се води дијалог со банките.
„Ние сме регулатор но и партнер. Сега имаме многу позитивен развој на настаните откако ние го направивме оној потег на намалување на трошоците за извршување на порамнувањата, долговниот промет во македонскиот интер-банкарски платен систем (МИПС). Тоа ослободи значително количество на средства, ги намали трошоците на самите банки. Некои од нив јавно изјавија дека ќе го пренесат на клиентите, но ние разговараме да одиме повеќе од тоа, дека и банките треба да одговорат, на некој начин да бидат општествено одговорни од причина што тоа им оди и во прилог. Тие треба да го подобрат својот имиџ кој за жал не е добар во јавноста. Знаме дека јавноста, населението најнезадоволно е од две работи – високите цени на храната, пијалоците, овошјето, зеленчукот и високите трошоци за извршување на услугите во платниот промет.
-Постои простор за намалување на тие надоместоци. Конкуренцијата во рамките на досега 13 банки не довела до намалување на банкарските провизии. Ние се надеваме дека со влезот на нови играчи, со либерализацијата на платниот промет кој е во тек ќе влијае во притисокот на натамошно намалување, но оваа наша активност, она што се нарекува морално убедување и намалување на нашите провизии во Народна банка веќе имаме позитивни сигнали дека веднаш по илинденските празници трите најголеми банки во Македонија јавно ќе излезат со намалени цени на нивните услуги преку тарифите и тоа ќе биде добар сигнал и за останатите помали банки“, вели Славески.
Говорејќи за тоа дека излезе податок дека девизните резерви се 4,7 милијарди евра и колку тие пораснаа во последнава година, Славески вели дека тие имаат динамика, односно растат кога имаме приливи од директни, поголеми странски инвестиции, како на пример минатата година.
„Јас можам да ви кажам дека во просек, во нивото пред пандемијата, имаме речиси 9,7% годишен пораст на инвестициите да стигнеме до ова ниво.
-Кога ќе дојде некој налог од страна на државните органи за исплата на доспеан долг од надвор тогаш тоа, се разбира, се плаќа од девизните резерви од државата како што и во девизните резерви се влеваат некои приливи кои што се на име – да речеме заем, директни странски инвестиции, менувачкото работење кога имаме поголем откуп одошто продажба на менувачниците и банките, така што имаме динамика. Можеме да бидеме задоволни и од растот, порастот на масата на девизните резерви и од нивото. Има некои параметри колку девизните резерви во однос на месечниот увоз во земјата покриваат. Девизните резерви се околу четири и пол пати повисоки од месечен увоз. Значи четири и пол месечни увози што е сосема комотно, а исто така друг показател е износот на девизни резерви во однос на краткорочните доспеани побарувања, односно потребите за исплати кое е на сосема комотно ниво.
-Пред неколку години тим на Народна банка има направено инспекција на монетарното злато. Ние контактиравме со Банката на Англија, закажавме термин и оставивме за ноември. Тоа е редовна практика преку која покажувате грижа за сопствените резерви.
-Количеството на монетарно злато кај нас не е променето од 2004 година. Една мала промена има 2015-2016-та година. Мора да ги прашате моите претходници зошто не се откупувало злато. Имав прилика да се сретнам со колешки гувернерки и гувернери од регионот. На пример од БиХ редовно купувале во изминатиот период. најверојатно и тие имале мали количества. Како и при секое инвестирање луѓето што се задолжиле за тоа се во дилема – никој не може да предвиди во која насока ќе оди цената. Цената на златото расте кога има нестабилност, тоа е како сигурно средство, а се намалува кога состојбите се помирни. И сега и како инвестициите во било кое средство, акции, обврзници, сте во дилема дали да купите, но со некои попродлабочени анализи во даден момент во интерес на зголемување на вредноста на средствата и девизните средства да се реагира на еден или на друг начин.
Гувернерот Славески вели дека ќе се заинтересира зошто е прекинат откупот кој што беше рутински до 2004-та година од нашите рудници, зошто и како не се откупува златото од „Бучим“ затоа што тоа редовно Народна банка во име на државата го откупувала, кое (златото) доаѓа како нус производ при производството на бакар.
„Би било добро тој процес да продолжел понатаму. Интересно е да се види, ќе направиме анализи и ќе процениме колку е тоа опортуно, дали има некој проблем. Не знаме дали проблемот е од технолошка природа, дали воопшто има производство, каде оди и тн.
Говорејќи околу тоа што на почетокот од мандатот ја отвори темата за депресијација и апресијација на денарот и ако денарот е проценет во однос на еврото дали преку курсот на денарот би ја вградиле разликата – значи ли тоа скриена девалвација, Славески вели дека добро е што последниве 7-8 години веќе има консензус дека ова што го имаме сега и не е променето со последната девалвација од 1997 година со последната девалвација добро и служи на македонската економија, на бизнисите и на граѓаните.
„Ништо не би се постигнало со некоја корекција на номиналниот девизен курс. Би се направило огромна штета, а речиси никаква корист и мислам дека е најдобро овој режим на девизен курс да остане се до евентуален влез во ЕУ и борбата за воведување на еврото како заедничка валута на еврозоната.
-Нема никаква мистерија како ние сме го одржувале во минатото, речиси четвртина век, фиксен девизниот курс без да ја загрозиме конкурентната способност на македонската економија. Објаснувањето е едноставно: Нашата на инфлација во просек беше иста во рамките на онаа што беше во еврозоната. Не треба да дозволиме, тоа е и пораката, секое отстапување на нашата инфлација а такви отстапувања може да има заради структурата на економијата, и треба да се стремиме кон таа ниска стапка на инфлација која што е во рамките на еврозоната. Ниска инфлација е она за коешто луѓето заборавиле не размислуваат, не ги засега. Иако ползечки може да имате благ раст на цените, но тоа не го вкалкулирате во вашите одлуки. Инфлацијата е психолошки проблем. Ако има очекувања и кај населението и кај бизнисите дека инфлацијата ќе биде висока, тие настојуваат да се приспособат, да ги вградат очекувањата во своите цени, одлуки. Во оној момент кога ќе престанеме, кога зборот инфлација ќе биде многу редок во медиумите, порталите и тн., значи дека сме на оној стабилен, вистински пат. Тоа е основна цел на Народната банка. Да дојдеме до ситуација граѓаните да заборават на проблемот со инфлацијата. Ќе има блага инфлација но нема да не засега како што не засегала во минатото и сега“, вели Славески.

Говорејќи во делот околу мандатот во кој беше министер за финансии и кога е издадена еврообврзница со највисока стапка од 9,875% и дали сега може да ни се случи банкрот на државата Славески со одговор:
-Држави не може да банкротираат. Не банкротирала ниедна држава, може да се најде во одредени потешкотии – да бидат исклучени од одредени финансиски пазари. Знаете каков е случај со Банкрот? Како што беше Грција, која што 10 години немаше пристап, не можеше да припари до финансиските пазари, туку зависеше од финансиската поддршка од кредиторите – ММФ, ЕК и ЕЦБ.
-Околу висината на каматната стапка на еврообврзницата која што често се толку и ми се припишува вака или онака. Како може да очекувате дека може да добиете пониска каматна стапка во тој период? Се е релативно. Стапката на нашата референтна катна стапка на благајнички записи знаете колку беше тогаш? Девет проценти. Она што е сега 5,25% беше 9%. Втор критериум – колку е приносот на претходно издадени хартии од вредност на државата на меѓународните пазари – беше 11-12%. Во тој случај голем успех е вие да се задолжите со стапка под 10%. Економското објаснување е тоа. И ќе повторам, ние немаме никаков проблем со сервисирањето на обврските на државата спрема странските кредитори за претходно задолжување. Еве на пример наредната година стигнува отплата на еврообврзница во прилично висок износ од 700 милиони евра за обврзница од пред 5 години издадена и Министерството за финансии треба да најде соодветен начин како да ги обезбеди тие средства и плус средствата за буџетски потреби“, вели гувернерот.
За тоа што 120.000 граѓани се со блокирани сметки, се предлага закон за личен банкрот, 70 милиони евра е долгот на државата кон компаниите, зошто доцни повратот на ДДВ по неколку месеци ако сме, како што вели премиерот Мицкоски, на стабилна нула, Славески за едно од прашањата вели дека бројката од 120.000 можеби не е докрај прецизна и треба да се провери и тоа е проблем што се влече веќе подолго време.
„Има граѓани кои се со блокирани сметки а има и фирми, претпријатија кои немаат пристап до она што се нарекува официјален финансиски пазар. Некои од нив заради потребите се обраќаат и ја зголемуваат својата задолженост во еден вид на должничко ропство со високи камата кај друштвата за кредитирања, финансиски друштва кои се надвор од надлежностите на Народната банка. Со извесни подготовки, да речеме со законска регулатива која е стандардна и позната, но и подготовки на системот може да им се помогне на десетици илјади наши граѓани да се вратат во нормалните финансиски текови“, додава Славески.
Бидејќи истекува мандатот на замениците, вицегувернерите и дали има фаворит за фаворит за вицегувернер, Славески вели дека има транспарентен процес на избор, на номинација која е од страна на Народната банка и во тек е оглас кој завршува на 31 јули.
„Немам фаворити, станува збор за многу сериозна и одговорна функција. Предност ќе имаат оние кои имаат акумулирање знаење во практиката на водење на креирање на мерки за монетарната политика, платните системи и слично и мислам дека на Парламентот ќе му предложиме квалитетни кандидати за оваа престижна функција во Народна банка“, вели Гувернерот Трајко Славески.
Целото интервју со гувернерот на Народната банка Трајко Славески во кое разговараме и на останати теми погледнете го во видеото.