(Видео) Савески: Платите да се зголемат согласно профитот на газдите

- Национализмот е квази решение за вистинските проблеми и за жал во Македонија во моментов имаме високо ниво на национализам кој е маскиран како патриотизам. Во принцип треба да се прави разлика помеѓу национализмот и патриотизмот, бидејќи групата на припаѓање на еден патриот е сите жители во една земја, додека групата на припаѓање на националистот е неговата етничка група, вели Савески.

„Војната мораше да заврши во 2022 година. Не требаше ниту да почне. Требаше да се вложат мировни напори за спречување на таа војна, а кога веќе започна требаше веднаш да се притиснат двете страни да стават крај на таа војна. Она што и се случи во реалноста е – хушкачите на војната го доминираа дискурстот и секој обид за постигнување на мир во таа војна беше осуден како русофилија.

-За поздравување се сите обиди за ставање крај на таа војна и добро е што конечно почна да се легитимира дискурсот за мир, нешто што кажува колку е пореметена глобалната политика. Да зборувате за војни, да потпалувате војни одеднаш излегува дека е мејнстрим, а да се зборува за мир како нешто што не доликува на вистински политичари, изјави во „Трилинг“, проф. д-р Здравко Савески од Институтот за општествени и хуманистички науки.

Според него оваа војна ќе има големи консеквенци, бидејќи се случува седум години после Парискиот договор за климата, каде што требаше целото човештво и неговите лидери да отпочнат промени во економијата и во начинот на живеење и во начинот на водење на политиката кој би ја ублажил климатската криза.

„Она што беше искористено во Украинската војна е секој за себе да си црпи дополнително фосилни горива и сето тоа да го фрли во втор план, секое делување во врска со главната егзистенцијална опасност на човештвото. Затоа оваа војна мора да се надмине. Имаме и дури случаи каде партии на зелените ја распалуваа војната“, вели Савевски.

Околу легендарната изјава на Хенри Кисинџер – „Да се биде непријател на САД е опасно, но да се биде пријател е катастрофално“, Савевски вели дека за жал многу често се покажува дека е точно.

„Мене она што особено ми е жал за народот во Украина е што може да го осети тоа на сопствена кожа. Нивната земја е уништена, многу луѓе го загубија животот, оние што не го загубија животот се осакатени или имаат свој пријател, роднина загинат, така што има многу трауми како и секоја војна. Затоа мора да се запре секоја војна и да не им се дозволи на центрите на моќ да ги хушкаат луѓето за војна.

-Она што исто така се покажа е дека националистите од што ја сакаат сопствената земја, знаат да ја упропастат и таа е една лекција врз украинскиот пример што и ние, во наш контекст, треба да ја примениме, да ја имаме на ум, бидејќи многу често се покажувало дека националистите знаат многу да и наштетат на сопствената земја со сопствената убеденост дека работат на нејзината величина.

-Еден лик како Трамп кој е националист и ултранационалист пред се гледа она што е добро за Америка, односно за американската владејачка класа. За народот не му е гајле. Од таа гледна точка на некој што е националист му е многу чудно да се зборува за било каква „филија“, дали еврофилија или русофилија. Во таа шаховска игра која милуваат да ја играат глобалните центри на моќ, визијата на Америка, според Трамп е дека главен спореник им е Кина и дека е добро во спротивставувањето на Кина да ја повлече на своја страна Русија. Тоа го викаат „обратен Кисинџер“ – во смисла, Никсон 1973 година ја посети комунистичка Кина за да се усојузи со нејзе против во тој момент втората велесила СССР. Така што ова воопшто не е нешто ново и чудно за американската геополитика. Гнасна е до коска, но таква е вели Савески.

Говорејќи за тоа какви би биле последиците врз Македонија од економска, политичка, геостратешка точка поради застанувањето на страна на Американската резолуција, Савески смета дека ние во Македонија имаме некое широко убедување дека нас ништо не не тангира, премногу мали сме и ништо не може да не засегне. Според Савески тоа не е точно.

„Македонската економија е многу поинтегрирана денес отколку што беше порано и турбуленциите во светската економија ќе не зафатат и нас. Втора работа е она што досега беше непроблематично, а тоа е да се биде и на страната на САД и на ЕУ одеднаш се повеќе со продлабочувањето на овој јаз се покажува дека мора да се избере страна, а ако се избере страна може да се навлече револтот на другата страна. Типично за нашата владејачка класа е да се одбере да се биде на страна на посилниот, а во дадениот судир на американската и европската владејачка класа се одбира американската страна, но тоа нема баш поволно да се одрази врз Македонија во геостратешките игри токму затоа што сме слаба земја, вели Савески.

Околу тоа кои се можните мотиви за потезите на Владата и колку тоа се прави поради очекувања дека со посилната американска поддршка навистина може да се постигнат некакви надворешно-политички цели, како на пример Вашингтон да помогне во релаксирање на односите со Бугарија, Савески смета дека во принцип многу лесно може да се прочитаат македонските владејачи и дека тие секогаш се ориентираат на страната на посилниот.

„Тука не важи морал, принцип. Сакаме да зборуваме дека во текот на НОБ застанавме на страната на правдата против фашизмот што во тој момент ја згази Европа, ама тоа само во прикаските. Во реалноста ние се ориентираме онаму каде што е моќта. На таков начин нашата власт реагира. Тоа дека Трамп ќе се смилува и ќе ни помогнел во врска со нашите судири – ние сме премали за неговата генерална слика. И втора работа – тој е непредвидлив. Во крајна линија може и тоа да се слуи, но непредвидлив е, може да се случи и обратното. Никој не може во однос на Трамп да гарантира – ова ќе се случи или она ќе се случи . Тој може да ја смени политиката за еден момент. И веќе има големи изненадувања. Де има тарифи, де нема тарифи. Но тука јас ќе предупредам дека, бидејќи го милуваат Трамп во нашите националистички кругови, во целата приказна околу Преспанскиот договор се заборава американскиот притисок за потпишување на тој Договор со цел Македонија да стане членка на НАТО под доминација на САД. И се заборава кој бил американски претседател во тој момент – за потсетување во 2018 на чело на Америка беше Доналд Трамп.

Орбанизација на македонската надворешна политика

„Во одредена мера може да се смета дека е така. Во принцип тоа е некој европски тренд, кадешто радикалната десница и конзверативната десница, која дефакто е радикална, како Орбан кој произлегува од мејнстрим конзервативна партија како ВМРО-ДПМНЕ, тие кругови се воодушевуваат од политиката на САД под водство на Трамп, но забораваат дека фактички неговата одбивност кон Европа може да значи страдење на народите на Европа, така што малку радикалната десница ја има згрешено математиката.

-Рак рана кај нас во Македонија е што луѓето се стремат да ги бараат виновниците за сопствените проблеми кај другите, а да не гледаат самите како можат да придонесат за подобрување на ситуациите. Така што треба малку повеќе да се свртиме и да видиме какви сме самите ние.

Имаме високо ниво на национализам кој е маскиран како патриотизам

-Национализмот е квази решение за вистинските проблеми и за жал во Македонија во моментов имаме високо ниво на национализам кој е маскиран како патриотизам. Во принцип треба да се прави разлика помеѓу национализмот и патриотизмот, бидејќи групата на припаѓање на еден патриот е сите жители во една земја, додека групата на припаѓање на националистот е неговата етничка група. И сега ако некој е патриот тогаш Албаниците во македонија му се земјаци и му се дел од неговата етничка група, така што многу евтино е некој националист да кажува за себе ддека е патриот, а притоа да мрази сопствени земјаци, вели Савески.

Газдите кај нас земаат енормни плати

Говорејќи за минималната плата и за тоа како да се намали социо-економскиот јаз, Савески вели дека во еден момент минималната плата во 2022 година стигна до 60% од просечната плата и веднаш потоа почне да тоне и сега мислам дека е од прилика 52%.

„Мора да се врати на ниво од 60% од просечната плата, патем има европска политика која стапи на сила во ноември минатата година, каде што се кажува дека земјите членки, а ние сакаме да се интегрираме таму, висината на минималната плата треба да биде минимум 60% од просечната. Така што ние треба да работиме во однос на тоа. Тоа што кај нас просечната плата фактички расте бидејќи голем број на капиталисти земаат енормни плати, па поради нивните износи расте и просечната плата е друго и важно прашање и треба Заводот за статистика, во крајна линија да пресметува и објавува средна плата, а ние не ја знаеме средната плата и притоа имаме цело население кое што мисли дека просечната плата е средна плата, т.е дека средна плата е точката која што ја земаат 50% под а 50% над. Просечна плата е ги сумирате сите плати и ги делите на приматели на плата. Така што различно е просечна и средна плата. Кај нас над просечната плата земаат само околу 15 до 20% од примателите на плата, вклучително и газдите, додека сите останати 80% се под тоа ниво вели Савески.

Според него, платите треба да се зголемат согласно профитот на газдите.

„Газдите кај нас земаат енормни плати. УЈП едно време објавуваше податоци за највисоките плати во Македонија со шокантни бројки кои едноставно се незамисливи за нормален човек. Пред некоја година имаше и податок дека еден газда на текстилна фабрика зема плата колку 550 негови работници. Такви енормни класни разлики во Македонија се недозволиви и никогаш таа приказна за продуктивноста на трудот не може да помине ако притоа газдата на фирмата за себе си одделува огромен дел од колачот.

-Навистина кај нас имаме луѓе кои се стварно сиромашни и врзуваат крај со крај, но тоа не е мнозинството од населението, вклучително и добар дел од работничката класа. Јас ќе потсетам дека Македонија пред 15 години, мака мачевме со огромна невработеност. Сега не е така. Значи она ветување на капитализмот дека ќе донесе благосостојба, за Македонија требаше 25 години да се испорача. Но она што треба да бидат свесни нашите граѓани е дека оваа поволност која е во овој момент не може долго да трае. Ние ја добивме поради огромниот одлив на работна сила, поради кој се реши невработеноста и поради кој газдите мораа да издвојуваат поголем дел за плата, бидејќи ќе му избегаа работниците. Но и ова можеби ќе се смета за време кога „Господ одеше по земја“. Незадоволството го има и јас го разбирам тоа. Видете капитализмот колку катастрофален систем е. Дури и во неговото најдобро светло создава незадоволство кај луѓето, бидејќи капитализам може да значи невработеност, сиромаштија, глад. Тоа сега го немаме. Во овој момент го имаме најдоброто од капитализмот – полна вработеност, ниска инфлација, но луѓето не се задоволни. И сега ако некој систем не може да изпорача во своето најдобро време, квалитет, задоволство кај луѓето, тогаш тоа кажува колку тој систем е катастрофа, вели Савески.

Целото интервју со проф. д-р Здравко Савески од Институтот за општествени и хуманистички науки дадено за магазинот „Трилинг“ погледнете го во видеото.