
(ВИДЕО) Разговори со Колемишевски, Јолевски и Димушевска
Во новото издание на Трилинг гостуваат бизнисменот и екс-министер Кирил Колемишевски, актерот и режисер Ѓорѓи Јолевски и Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Во новото издание на Трилинг гостуваат бизнисменот и екс-министер Кирил Колемишевски, актерот и режисер Ѓорѓи Јолевски и Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

„Треба да ја сфатиме сериозноста на родово базираното насилство. Мојот впечаток е дека можеби не му се дава доволно важност колку што треба да му се даде од оние коишто имаат моќ да направат промена. Протести, реакции од граѓански организации, од граѓански активисти и генерално од народот има, но оние коишто можат да ја направат промената, некако како само декларативно да ги даваат изјави – ќе ставиме крај на насилството, ќе ги казниме сторителите, но не гледаме дека сторителите се казнуваат. Не гледаме дека оние коишто ги прават пропустите во институциите сносат одговорност за истото, а од друга страна гледаме дека се повеќе и повеќе жени се охрабруваат да пријават.
-Значи она што се работело во годините наназад довело до некаков резултат, насилството се пријавува, но како да оние што треба да слушнат не ја слушаат пораката“, вели Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Димушевска вели дека проблемот е во итната реакција.
„Ако ја разбереме сериозноста на насилството и последиците од истото, итната реакција е неопходна. Итна реакција на сите нивоа – на ниво на полиција, на ниво на центар, на ниво на Јавно обвинителство и суд. Итна реакција од Министерството за финансии, од министерката, коешто ќе покаже дека навистина оваа владејачка структура ќе работи и сака да стави крај на насилството, така што ќе предвиди соодветни средства. Знаете, ние имаме борба за постапување, бараме итно постапување, бараме професионалците да си ја завршат работата, но дали се прашуваме колку се тие на број.
-Ова што ние сега го гледаме, пријавите на насилство, статистиката, бројот, тоа е еден многу мал процент. Едно истражување, иако направено пред веќе шест години од ОБСЕ, но најрелевантно досега направено истражување, покажува дека само 2% од најсериозните инциденти на насилство жртвите ги пријавуваат. Значи ова што го гледаме е 2%, смета Димушевска.

Прашана зошто е така низок процентот, стапката на жени кои се решаваат да пријават дека се подложни на фемицид, односно дали стравуваат, се сомневаат во капацитетот некој да ги одбрани, да ги заштити, Димушевска одговара потврдно.
Според неа необезбедувањето заштита на жртва на насилство е структурна неправда. Дава порака за едно општество коешто толерира насилство. Кога на ова општество му е поважно да го заштити, или на институциите им е поважно да го заштитат угледот на насилникот, наместо да обезбедат безбедност и да осигураат безбедност за жртвата, тогаш секако дека зборуваме за неправда. Значи даваме важност на една категорија на луѓе врз друга. На една категорија на граѓани врз друга, а нели треба сите да сме еднакви. Треба да имаме сите еднаков пристап до сите услуги, права што ни следуваат како граѓани и граѓанки во оваа држава“, смета Димушевска.

„Одлуката да ја завршам својата политичка кариера беше затоа што сфатив дека јас не припаѓам во политичкиот свет. Јас дојдов од приватниот сектор. Цел живот мојата кариера беше во приватниот сектор. Периодот кога се приклучив во политиката го гледав како една шанса да можам да придонесам со сето мое знаење и искуство да помогнам на Македонија да тргне напред. Но потоа, по мое лично мислење, многу се искомплицираа работите во Република Македонија.
-И бидејќи ги видов и двете страни на масата, значи и приватниот сектор и државниот сектор, и тогаш решив да престанам да се занимавам со политика. А решив да заминам бидејќи во меѓувреме се родија мојата ќерка и мојот син, и одлуката за заминување ја донесов заради нивната иднина, пред се за нивното здравје, за нивното образование и за начинот на култура и во какво општество ќе растат тие понатаму“, изјави бизнисменот и екс-министер Кирил Колемишевски околу тоа што беше пресудно да заврши со политиката и да замине во „белиот свет“.

„Јас во Скопје имав се. Значи бев партнер во адвокатско друштво. Адвокатското друштво имаше седум адвокати. Работевме претежно корпоративно право за странски инвеститори коишто доаѓаа тука, отвораа компании, им помагавме од отворање на фирма, до склучување на договори, да не основаат нивни правен сектор, туку нашето адвокатско друштво беше нивни правен сектор. Бев вклучен и во неколку други бизниси. Не можам да кажам дека Скопје ми беше тесно. Скопје ми беше моја територија, но сепак како татко, бидејќи тоа ми беше најголемата цел во животот – да се реализирам како родител, сфатив дека ништо од тоа што го имам во Скопје, не е побитно од моите деца.
-Затоа на свои 45 години оставив се и тоа во Канада го викаат ‘Скок на вербата’. Отидов во Канада, и реков – што сака нека се случи, мене ми е најбитно да сум до децата.
Во Канада, вели Колемишевски, почнав од нула.
За тоа што значи да се биде туѓинец или странец во Канада, Кирил Колемишевски вели дека Канада е многу сурова.
„Македонците претежно таму се координираат преку црквите. Повеќето од македонската дијаспора се координира преку црквите. Но она што мене многу ме зачуди е колку луѓе од моја генерација се иселиле после 2000-та и 2005-та година. Јас таму ги видов луѓето коишто ги знам од Скопје, а сум немал идеја дека се преселени во Торонто“, вели Колемишевски.
„Канада што се однесува на бизнис е немилосрдна, и конкуренцијата е огромна бидејќи таа е земја на доселеници“, вели Колемишевски.
„Во кој било сектор да сакаш да влезе конкуренцијата е огромна, но јас не сум од оние луѓе коишто чекаат нешто да му падне од небо, туку секогаш интензивно работам на некоја нова идеја, на некој нов проект, нов бизнис.

Прашан како го објаснува феноменот – цената на квадратурата на станови во Македонија оди до небеса, се купуваат станови, а стојат празни, Колемишевски смета дека околу 30.000 станови се празни низ цела Македонија.
„Додека шетате навечер низ Скопје и ги гледате овие новоградби што се изградени последниве 4-5 години и да приметите во колку станови е упалено светлото, ќе видите колку станови се фактички празни. Сега се поставува прашањето кој ги купува тие станови?. Зошто се купуваат тие станови? Тука од кирија не можеш да извадиш некој капитал. Да речеме ако купиш стан од 200.000 евра, колку ќе ти биде рентата во Скопје? 500-600 евра. Значи враќањето на инвестицијата за тој стан ќе биде 23-24-25 години. . Јас тука не гледам никаква економска логика, некој да купи стан за да го рента. Од тоа што сум начул, од тоа што гледам да анализирам, капиталот кој што влегува претежно не е македонски капитал. туку е капитал од надвор, каде што се купуваат станови на големо, се купуваат по 10-20 станови. Најавени се некои фондови кои ќе купуваат 1000-2000 станови, што мене ми е апсолутно нелогично за Македонија. Да е Скопје некаков економски центар, каде што функционираат 5.000 компании, IT компании, или да е огромен индустриски центар, па луѓе да доаѓаат за да најдат работа, тука и би видел некаква економска логика зошто човек би сакал да купи стан во Скопје. Ама немаме ни економија, немаме ни фирми како што треба во Скопје, за некој да даде 200-250.000 евра за стан и тој стан да стои празен“, смета Колемишевски.

Меѓудругото тој додава дека му жал што за 35 години „ние Македонците не успеавме да си подадеме рака“.
„35 години политички и партиски се гледаме преку нишан, или се дочекуваме на нож. Македонија е преубава територија и место за живеење и уверен сум дека за 4-5 години доколку се има волја и доколку се има добра мотивација, Македонија може да биде прекрасна држава за живеење. Јас со таа верба влегов и во политиката и уште верувам дека тоа може да се случи, но она што стварно ми смета кога ќе отворам вести во Македонија се напаѓаме едни со други за најбанални работи. Нема еден демократски дијалог, нема конструктивна дебата. Има расправии и за најситни детали, кај што разумни луѓе би требало да се согласат и да кажат чекајте ова е добро за народот. Многу би сакал да почнеме да се слушаме едни со други. Без разлика кој на која партија припаѓа, да не се гледаме преку нишан, туку некој од позицијата кажал добра идеја, каде проблемот опозицијата да каже ова е добра идеја и ние ќе ја гласаме. Или ако опозицијата даде некоја добра идеја во Собрание или да се стави како дебата по медиуми, па позицијата да каже, добро, вашата идеја е одлична, ајде да ја сработиме заедно бидејќи ова е за доброто на народот. Јас таков пример немам видено. Тоа ми е многу криво. Ми недостига таа политичко-демократска зрелост“, вели Кирил Колемишевски.

„Битолската публика е профилирана публика којашто го има изградено својот вкус во однос на театарската продукција на Битолскиот народен театар, којшто беше водечки и е еден од водечките театри во Македонија, промовирајќи и класици, нови дела. Има феноменална актерска екипа, така што публиката е многу специфична, многу критична и секогаш кога се настапува во родниот град, секогаш се има трема“, изјави актерот Ѓорѓи Јолевски.
Јолевски глумата ја чувствува како потреба.
„Едноставно тоа е професија која што не можеш да ја избереш затоа што мислиш дека ќе станеш славен. Тоа е професија која доаѓа некаде длабоко во тебе. Се работи за потреба да кажеш нешто и можеш да го изразиш само преку уметност, односно преку театарската уметност – мојата определба. Уметникот не ја бира професијата, професијата го бира него.

Тој вели дека сѐ уште не почувствувал замор, напротив сѐ уште има мотивација, волја, желба, снага, енергија да ја работи оваа работа.
„Вљубен сум во професијата. Она што го правам го правам затоа што сакам, можам, мислам дека знам и дека е нешто од коешто не може човек така лесно да се откаже. Оваа професија е некаков вид на мотор, којшто ме вози, ме движи низ животот и мислам дека до последниот здив ќе се обидувам да ја работам“, додава Јолевски.
За тоа која е разликата помеѓу Ѓорѓи Јолевски актерот и Ѓорѓи Јолевски режисерот, тој вели дека се чувствува многу комотно кога е на сцена и кога игра, но одвреме навреме има потреба да каже нешто друго.
Дефинирајќи ја слободата, Јолевски вели дека човекот во принцип е во постојана потрага по слободата – слобода на мислење, слобода на чувствување, слобода на живеење, слобода на изразување. Едноставно е во вечна потрага.
„Големите ликови, коишто се од големите класици, потрагата по слобода ја имаат внатре втемелено или вткаено во самиот лик. Како што е Хамлет, како што е, или како што е Ставрогин, тоа се ликови коишто се во постојана потрага по слободата и по самоизразувањето. Но и човекот е во постојана потрага по слобода, така што самата вокација – актер, е некаков вид на обид за слободен лет.

-Го потенцирав моментот во почетокот на деведесеттите години, уште пред да ја добиеме нашата независност, кога потрагата по слобода ја изразив преку летот на ранетиот сокол кој што се појавува во соништата или мислите на болниот емигрант.
-За да се дојде до таков вид на момент потребна е постојана потрага и постојано истражување. Себе истражување и истражување на околностите во кои живееме“, вели Јолевски.
Разговорите погледнете ги во видеото.