(ВИДЕО) Разговори со Андоновски, Трајаноска, Силјан, Бужаровска и Пармаковска

Во „Трилинг“ разговараме со професорот Венко Андоновски, писател и драмски автор, Ивана Трајаноска, писателка и декан на Универзитетот Американ колеџ, писателот Раде Силјан, професорката и писателка Румена Бужаровска, како и со писателката Фросина Пармаковска.

Во „Трилинг“ разговараме со професорот Венко Андоновски, писател и драмски автор, Ивана Трајаноска, писателка и декан на Универзитетот Американ колеџ, писателот Раде Силјан, професорката и писателка Румена Бужаровска, како и со писателката Фросина Пармаковска.

„Мислам дека не сме мрднале ние многу напред во однос на „Диво месо“ и она за што говори „Диво месо“, особено на планот на растурање на семејството. Се смееме понекогаш со колегите од историја на факултетот. Тие велат „во турско имало најголем данок – десеток, а сега персоналниот ви е многу повеќе од десеток“, да не говориме и за другите даноци што ги плаќаме. Но имало и данок во крв, а јас се прашувам зарем не е данок во крв растурањето на семејствата, селењето на младите луѓе од Македонија. Така што колку и да звучи песимистички, тоа е реално. Понекогаш реализмот се израмнува со песимизам, и мислам дека во тоа „Диво месо“ на Горан Стефановски, кое јас се обидов да го рециклирам, да го преместам низ времето и се прашував како тоа би изгледало кога тој тест би се пишувал. Мислам дека тоа „Диво месо“ уште ни стои и дека не ни е решено“, вели професорот и академик Венко Андоновски.

Прашан зошто не сме мрднати од статус кво позицијата, Андоновски вели дека јасно е зошто.

„Во оваа земја идеологијата излезе вон времето. Отсекогаш државите ги воделе политичари, идеолози, лидери, но отсекогаш имале и умни луѓе околу себе. Сега некако како да се отцепи политиката од државата, како да си стана некое самостојно претпријатие за фабрикација на политички вредности.

-Главно се повторуваат празни фрази и егиди. Но никој не покажува реален интерес да се промени стварноста. Тоа едноставно си стана, како што на времето симболизмот беше самоцелна уметност, незаинтересирана за стварноста, така сега идеологијата се занимава“, смета Андоновски и додава дека интелектуалната, научна мисла е истисната бидејќи е критичка.

„Во психологијата на оние кои сакаат да владеат е всадено чувството на нарцизам. И тоа не говорам само за сега, отсекогаш било така, Меѓутоа постоело механизми кои тој нарцизам го ставале во некои нормални рамки. Не постои владетел кој не сакал да биде фален и да се прави некаква имагологија од неговата појава и фигура, меѓутоа отсекогаш имало и спротивни мислења, имало и критичка интелигенција, имало и дисиденти. А сега дојде еден момент во која како веќе да не е потребно ни знаење, ни совет, ни стручен совет од интелигенција.

-Се е политички диригирано од врвот и ние знаеме дека тоа доаѓа и од геополитичката ситуација“, смета Андоновски.

Андоновски додава дека живееме во два света што доведува до, како што вели „скизоморфија“ на општеството.

„Имате луѓе кои сакаат да учат, да напредуваат и да работат, но имате и луѓе, што е сосема друг свет, на кои им одговара ситуацијата да е сатус кво. Притоа, и врапчињата тоа го знаат, си ги решаваат приватните проблеми.

– Ги интересира само приватното инкасирање и во едно такво скизоморфно општество, сосема е нормално оној што сака да работи, а нема услови за тоа, да го напушти“, вели Андоновски.

Горан Стефановски ми беше пријател од кого ги научив елементарните тајни на пишувањето драмски текст.

„Јас не бев негов студент. Ми беше како постар брат. Од него ги научив тајните како се пишува драмски текст. Јас често го споменувам бидејќи сметам дека тоа е наш гениј, кој во Македонија делумно го препознавме, а за жал светот не покажа интерес, заради неговите познати ставови кои се и мои ставови – дека папокот на светот, центарот на светото се наоѓа тука, на Балканот, и дека оттука е тргната писменоста“, вели Андоновски.

„’Јета’ во романот ‘Јета’ е една метафора за социјал-комунизмот, за Југославија, за нашето општество, коешто континуирано се навраќа кон минатото, па дури и да ги земеме сите придобивки, особено за Република Македонија, кога едно едно општество континуирано се држи и гледа наназад, неизбежно – нема иднина“, изјави писателката и деканка на „Американ Колеџ“, Ивана Трајаноска, говорејќи за можноста да се направи разлика од соживот и мултикултурализам.

„’Јета’ во романот е мртва. ‘Јета’ на албански значи живот. Но таа во романот претставува столб наа семејството. Таа е самохрана мајка на два сина, и во романот го следиме животот на цело едно семејство. Во стотина страници се обидувам да прикажам еден дел за којшто многу ретко зборуваме“, вели Трајаноска.

Таа додава и дека:

„Кога едно општество континуирано се држи и гледа наназад, неизбежно нема иднина“.

„Сите ние живеевме со идеали дека ќе градиме држава на здрави темели, но за жал дојдовме во ситуација да избираме луѓе без никакво искуство на највисоките позиции во политиката“, изјави писателот Раде Силјан, давајќи осврт на минатата и сегашната општествено-политичка состојба во Македонија.

„Во едноумието за да се вработиш требаше да положиш приправнички испит, после една година стажирање, па дури потоа вработување.

-Сега ни се случија други процеси. Избиравме премиери, министри, на кои тоа им беше прво работно место, без одредени познавања на национални, економиски, социјални, политички, но и на меѓународната политика што во тој период многу значеше.

-Затоа дојдовме до ова дереџе до кои сме дојдени. Грешки се прават и во приватизацијата која беше катастрофална и придонесе илјадници луѓе да останат на улица“, вели Силјан.

„Мислам дека најмногу живееме меѓу вистина и лага. Постои самоконтрола кај писателите да не се огрешат кон одредени состојби“, смета писателот Раде Силјан.

„Мислам дека писателството не беше некоја професија за која мислевме дека е професија. Тоа е секогаш нешто што го правиме од страна. Никогаш не ми беше идеја дека тоа всушност може да биде некаков тип на професија, особено неми беше идеја дека жена може да живее и да работи само како писателка, така што јас немав таква амбиција. Сакав да пишувам, но никогаш не мислев дека ќе испадне волку големо како што испадна, за што ми е многу мило, бидејќи не го планирав“, вели за „Трилинг“ писателката проф. Румена Бужаровска.

Таа смета и дека се гледа регрес во однос на тоа каков прогрес имавме постигнато со женските права и правата на ЛГБТИК заедницата.

„Гледаме големо враќање наназад преку различни типови на пропаганда којашто за жал потекнува од западот, од Америка, каде што гледаме враќање на идејата дека жената треба да се затвори во кујната, во домот, и само да раѓа деца. Сметам дека во последно време знаеме дека има регрес и во однос на женските права, а се случува тоа и во Европа.

-Има држави каде што абортусот е забранет и гледаме дека десничарските движења се повеќе и повеќе се обидуваат да ги одземат правата на жените, а и истакнатите права на ЛГБТИ луѓето.

-Кај нас во Македонија не би можела да кажам дека ЛГБТИ луѓето имаат некои посебни права, затоа што сепак ние сепак сме држава каде што сѐ уште истополовиот брак не е дозволен. Така што вие да имате партнерство помеѓу двајца мажи или две жени, коишто цел живот биле заедно, кога едниот ќе почине другиот нема право да се грижи за него или неговиот имот и тн. Тоа се некои основни човекови права коишто ние овдека сѐ уште ги немаме. А да не говориме за женските права, за фемицидите, за новиот сериски убиец кој убивал само жени, и за сите трагични случаи кои се повторуваат во нашето општество.

-Затоа сакам да порачам дека еднаквоста никогаш ја немаме постигнато, но сега сме во период кога правата повторно бележат напад од страна на фашисти“, вели Бужаровска и додава дека е „честа предрасуда кон феминистките дека мрзат мажи“.

„Многу ми е жал дека општеството тоа го прифаќа како предрасуда, бидејќи општеството ги мрази жените, а не обратно. Имаме фемициди, имаме големо назадување на женските права, и сега ние се бидуваме постојано напаѓани дека ние сме тие коишто мразиме. Да мразевме ќе се гледаше. Активизмот феминистички е само една желба за подобар и хуман свет“, вели Бужаровска.

Прашана дали има простор за сомнеж дека денес во 21-от век може некој да го оспорува и дека е дијалект на некој друг јазик, Бужаровска смета дека е бизарно да се влегува во такви дискусии.

„Нема што тука да се брани. Колку повеќе ја браните својата позиција, толку повеќе ја подривате. Истото е во прашањето зошто јас не сакам да им објаснувам на луѓето дека не мразам мажи – колку повеќе се правдам излегува дека навистина е така. Не е вистина нема зошто да дискутираме за тоа дали постои македонскиот јазик. Не е вистина дека е дијалект или дека не постои. Нема зошто да навлегуваме во прашање кое е толку апсурдно.

-Тоа е тактика. Кога ве провоцираат со таква невистина како на пример дека феминистките мразат мажи, дека македонскиот јазик не постои, нормално дека човекот или групата којашто е провоцирана, чувствува потреба да се одбрани. Но тој што ве напаѓа многу добро знае дека тоа пласирање на лажни вести – колку што повеќе вие го повторувате тоа, толку повеќе тоа станува тема“, вели Бужаровска.

-Очигледно е дека лесно паѓаме во стапиците, бидејќи за тоа цело време правиме муабет. Дали постои македонскиот јазик? Таа е глупост за да се разговара. Не ни сакам да разговарам за тоа прашање. Тоа е како да ме праша некој дали имам нос. И сега јас да се расправам со некој дали имам нос или немам. Така што многу лесно паѓаме во таа стапица и секако дека е една политичка замка. Многу луѓе сакаат да испаѓаат патриоти, да прават политички поени околу тие прашања. Така што јас би го сменила малку дискурсот – наместо одбрана во некаква прослава и повеќе инвестирање во тоа што го работиме, отколку во одбрана. Одбраната кон глупост не функционира.

-Политичките партии секогаш злоупотребуваат некаква тема којашто ја запалува јавноста. Тоа често го прават.

Осврнувајќи се на ТВ интервју во Србија каде што вели дека „светот е растргнат меѓу осаменоста и фашизоидноста“ и дали е тоа идеално за бунт и всадување страв и манипулација со луѓето, Бужаровска вели дека има многу причини зошто луѓето се полнат со страв во денешно време.

„Прво би рекла дека е ова што се случува со манипулацијата на социјалните мрежи и се поголемото онеписменување на луѓето станува многу голем проблем на општеството и од таму произлегуваат осаменоста, како и новите фашистички трендови кои растат низ цел свет“, вели Бужаровска.

„Преродбата, значи симболиката, би била не само лична преродба која се случува на рамниште на главниот лик, на ликовите во романот, туку и на колективната преродба, на преродбата на нашето општество којашто мора да ни биде мотив за сите понатаму“, изјави во „Трилинг“, писателката Фросина Пармаковска, околу тоа колку во романот „Кривата Дијана“, меѓудругото, акцент е ставен на грешка, несреќа, трагедија, траума, вина, истрајност, болка, издржливост, и колку ова коинцидира со Христовото воскреснување, и дали може да се најде симболика во книгата со празничните пораки кои најчесто доминираат за време на Велигден“, вели писателката Фросина Пармаковска.

Разговорите погледнете ги во видеото