(ВИДЕО) Проф. Барбареев: Живееме во општество на дисконтинуитет

➡Мислам дека немаме визионерско мислење и визионерски поглед во смисла на трансформацијата на образованието, науката и културата. ➡МАНУ треба да биде предводник во реформите затоа што според мене контекстот е таков во којшто треба да се пронајде таква институција којашто ќе ги интегрира сите структури во општеството. ➡Образовната стратегија лесно се пишува, а тешко се спроведува. ➡Во стручната јавност сѐ уште нема издиференцирани јасни ставови за одредени прашања како да се трансформираат одредени предизвици или проблеми кои ги имаме во општеството и во образовниот систем. ➡Ние во таа раскрсница сѐ уште се бараме не можејќи да излеземе од старите сопствени обрасци на однесување и да создадеме еден модел којшто ќе не повлече напред. И тука треба државата во конципирањето на реформите, на промените, на парадигмата на образование, да ги најде најкапацитетните, најквалитетните луѓе од повеќе области, кои всушност ќе ја дадат визијата за она коешто треба да биде. ➡Образованието подлежи на три клучни моменти. Тоа мора да го разбереме сите, особено оние коишто ги креираат образовните политики. Тоа бара прво стабилност, бара постојано финансирање, одржување и збогатување на средината и трето - бара континуитет. ➡Распадот на патријархалната структура на општеството создава исчезнување на многу ситуации и вредности коишто порано давале решение. Но тие методи не ги решаваат проблемите на денешницата и на современието. , ➡Доведени смe во ситуација во којашто понекогаш си го поставуваш прашањето – вреди ли да кажеш нешто? Вреди ли кога всушност не те регистрираат? ➡Политиката ги има ограничено сите сектори на влијание, и таа мисли дека е најмудрата и најпаметна во носење на одлуки, вели Кирил Барбареев, универзитетски професор.

„Мислам дека немаме визионерско мислење и визионерски поглед во смисла на трансформацијата на образованието, науката и културата. Кога го зборувам тоа, мислам дека таа институција, како што е МАНУ, треба да биде предводникот во којшто ќе се надоврзат сите други институции во општеството и во државата, коишто ќе ги постават клучните прашања за реформата на образованието и на општеството.

-МАНУ треба да биде предводник во реформите затоа што според мене контекстот е таков во којшто треба да се пронајде таква институција којашто ќе ги интегрира сите структури во општеството. Затоа мислам дека тоа сепак треба да биде најважната и најстручната научна и духовна институција, којашто треба врз основа на реформата да постави три клучни прашања. Француската академија излезе со документ којшто се вика „Училиштето за кое сонувам“. Во тој документ поставени се три прашања – каков човек ние сакаме да развиваме, во какво општество сакаме да живееме и кои ќе бидат нашите вредности коишто ќе не повлечат напред и што е она што треба да го оставиме позади нас.

-Затоа таа институција треба да даде еден холистички пристап на трансформацијата на воспитно-образовниот систем. Не само како контекст на она што претставува материјал или контекст на пренесување на знаење, туку во еден многу поширок социо-културен контекст којшто треба да ги интегрира општествените, хуманистичките, природните и медицинските науки, за да можеме да се трансформираме и да можеме да е погледнеме, да се визионираме што е тоа што ние сакаме како македонско општество да го имаме за 20 или 30 години од денес“, изјави за „Трилинг“, универзитетскиот професор Кирил Барбареев, говорејќи за состојбите во образованието.

Фото: Трилинг / Кирил Барбареев

Прашан дали од образовната стратегија лесно се пишува, а тешко се спроведува професорот одговара потврдно, и смета дека клучниот проблем е што законот или стратегијата има многу слаба операционализација во праксата.

„Тоа е еден од клучните моменти заради тоа што понатака настануваат проблемите, и во стручната јавност сѐ уште нема издиференцирани јасни ставови за одредени прашања како да се трансформираат одредени предизвици или проблеми кои ги имаме во општеството и во образовниот систем“, вели Барбареев и додава дека во еден подолг временски период ние се наоѓаме во една раскрсница помеѓу стариот концепт на образование и силната доминација на образовни политики од глобализацијата којашто се наметнува.

-Ние во таа раскрсница сѐ уште се бараме не можејќи да излеземе од старите сопствени обрасци на однесување и да создадеме еден модел којшто ќе не повлече напред. И тука треба државата во конципирањето на реформите, на промените, на парадигмата на образование, да ги најде најкапацитетните, најквалитетните луѓе од повеќе области, кои всушност ќе ја дадат визијата за она коешто треба да биде. И тие прашања понатака се одразуваат на она што претставува предучилишно, основно, средно или високо образование“, вели Барбареев.

Фото: Трилинг / Кирил Барбареев

Професорот смета дека кај нас се релативизира она што значи квалитет, но светот сѐ уште постојат јасно дефинирани критериуми за тоа што всушност претставува наставно-научен развој.

„Вие во општество кога ќе ја релативизирате вистината, кога ќе создадете структура во којашто може и без критериуми, или се релативизираат критериумите, тогаш создавате општество во кое нема разлика. Таму каде што нема разлика, нема тежина. Еден од клучните моменти е всушност како ќе се стандардизира концептот на воспитание и образование. Тоа е многу важна тема за да можеме да создадеме момент во којшто младите ќе препознаваат дека овде се почитува вредноста, дека овде се почитува трудот, а не некакви релативизирани можности дека секој се може, дека секој секаде може да стигне“, изјави Барбареев.

Фото: Трилинг / Кирил Барбареев

Осврнувајќи се околу прашањето дали имаме изместени вредности, Барбареев вели дека тоа е така и дека ние немаме направено пресврт после деведесеттите години напуштајќи го тоа уредување и влегување во сосема нов концепт на општество и на држава.

„Ние не направивме една анализа што е тоа добро што можевме да го преземеме од минатото и искуството на овој систем, а што е тоа што треба да го отфрлиме. Токму тука всушност се наоѓа моментот на којшто општествените и хуманистичките науки, како и другите научни дисциплини, треба да го параметрираат македонското општество во еден сосема поинаков концепт на 21-ви век во кој посакуваме да живееме многу поквалитетен живот“, вели Барбареев и додава дека сме општество на дисконтинуитет.

-Затоа настануваат такви промени. Образованието подлежи на три клучни моменти. Тоа мора да го разбереме сите, особено оние коишто ги креираат образовните политики. Тоа бара прво стабилност, бара постојано финансирање, одржување и збогатување на средината и трето – бара континуитет. Ако ги анализирате тие три елементи ќе видите многу моменти во кои одредени процеси се започнати па стопирани, стартувани на ново. Тие процеси зборуваат за нашата култура на споделена одговорност на сите во општеството.

-Можеби сѐ уште немаме капацитативност да ја разбереме свесноста што значи образование и воспитание, колку тоа се одразува на се во општеството и се во државата. Ние реагираме на одредени процеси во општеството кога тие ќе дојдат во некаква екстремна ситуација, или веќе се случила некаква катастрофа. Тогаш започнува некаква еуфорија за дискусија на таа тема и понатака целото тоа заминува во депресија. Немајќи таква култура на споделена одговорност, во којашто институциите ќе ги преземаат одговорностите и ќе бидат многу поактивни во превенирањето на одредени процеси, ние заглавуваме во начинот на решавање на ситуации. И кога некој зборува – немаме систем, тоа всушност кажува дека институциите не функционираат како систем. Тие функционираат како збир на луѓе кои внатре се борат да ги решаваат комплексностите и да ја одржуваат контролата на одредена ситуација или на некаков проблем. И ќе видите дека многу голем дел од институциите се држат на ентузијазмот и волјата на луѓето затоа што се свесни што значат таквите институции. Но генерално кога ќе ја направиме сликата за тоа како функционираме како систем, ние тука потфрламе“, вели професорот.

Фото: Трилинг / Кирил Барбареев

Говорејќи за изворот на насилништво и агресивност кај младите, Барбареев смета дека средина станува антивоспитна и дека таа не е стимулативна за децата и за младите.

„Не е стимулативна затоа што подолг временски период општеството е во криза од аспект на лоши околности во коишто сите растеме, се развиваме и живееме. Ние живееме во период во којшто доминираат многу стравови, стресови, навреди, понижување, агресија во комуникација. Од друга страна дигитализацијата направи еден неверојатен, чест притисок на почести насилни содржини кои децата ги гледаат, а немаат капацитет и емоционална зрелост да можат да расудуваат. Затоа децата се огледало на општеството и се најдобар показател какво општество сме. Денес е тешко да работите во образование, да бидете наставник, професор и да зборувате за чесност, за морал, за доблесност на младите, кога младите имаат еден силен аргумент дека нечесните, неморалните, агресивните подобро поминуваат, побрзо ги решаваат проблемите, повидливи се како модели на идентификација. Тоа во еден долг временски период генерира една таква ситуација на криза којашто почнува да се одразува и кај младите, но и кај возрасните“, вели Барбареев.

Професорот смета дека се распаѓа патријархалната структура на општеството која што траеше со векови.

„Распадот на патријархалната структура на општеството создава исчезнување на многу ситуации и вредности коишто порано давале решение. Но тие методи не ги решаваат проблемите на денешницата и на современието. И тука односот помеѓу мажот и жената, а понатака и се во општеството, создава сѐ уште необјаснети процеси на промени коишто ќе се случуваат, особено во западната култура, и тоа генерира еден неверојатен процес на промени на коишто треба да бидеме многу мудри, многу внимателни. Денес во законот за семејство мислам дека тешко ќе се дефинира што е семејство. Дали и ќе се дефинира што е семејство? Европа мислам дека не го дефинира поимот семејство. Тоа кажува дека таа клетка, која всушност беше столбот на одржливоста, се распаѓа. Тоа распаѓање создава неверојатни процеси на нови промени, на нови процеси со коишто многу поискуствени општества, држави се борат и трагаат по решение“, вели Барбареев“. и додава:

„Доведени сme во ситуација во којашто понекогаш си го поставуваш прашањето – вреди ли да кажеш нешто? Вреди ли кога всушност не те регистрираат? Политиката ги има ограничено сите сектори на влијание, и таа мисли дека е најмудрата и најпаметна во носење на одлуки“, вели Кирил Барбареев, универзитетски професор.

Целото интервју погледнете го во видеото.