
(Видео) Нацев: На сцена е ново геополитичко прегрупирање
- Не е можно да се постигне било какво решение без учество, медијација, притисок, дипломатска помош од САД, вели проф. Нацев.
Говорот на Доналд Трамп во Конгресот беше индикативен по неколку точки. Делови од тој говор не треба да не изненадуваат, бидејќи голем дел од тие работи американскиот претседател ги најавуваше и во кампањата и ги посочуваше како едни од приоритетите на американската надворешна политика. Она што го гледаме на дело е конкретното замрзнувањето на американската помош за Украина. Уште поиндикативно е тоа што сега е замрзната и помошта во разузнавачките информации. Тоа значи дека разузнавачките информации кои САД ги отстапуваше на Украина и од тактички и од стратешки аспект значат многу, затоа што украинската војска веќе не може да ги добие теренските информации. Не може да ги следи движењата на руските трупи, не може да го следи напредувањето на офанзивата, информациите од прислушувањата итн., што во оваа ситуација е еден голем хендикеп.
-Дали европските сојузници ќе можат да го надополнат тој вакуум е многу сериозно прашање“, изјави во „Трилинг“, проф. Александар Нацев, безбедносен експерт, околу тоа што би значело за Украина и за Европа стопирањето на помошта од страна на Трамп.
На прашањето дали овој воен хендикеп со кој сега се соочува Украина укажува на тоа дека сега тие се на многу полесна мета за руската војска, Нацев вели дека после се ова што се случи последнава недела можеме да кажеме дека украинската страна е во многу полоша сега од претходно.
„Она што исто мораме стратешко-политички да го погледнеме и истакнеме е дека решението во Украина, стигнувањето до мир, до преговори, до било какво стопирање на воените дејствија, размена, враќање на територии не е возможно без учество на САД. Теоријата која што се турка дека Европа ќе пополни вакуумот од САД, сметам дека никој не може да го замени влијанието и помошта која Америка ја давала кон Украина. Затоа велам дека не е можно да се постигне било какво решение без учество, медијација, притисок, дипломатска помош од САД.
-Резолуцијата во ОН која што ја поднесоа САД и да не заборавиме на која и ние сме коспонзори, но индикативно е што веќе имаме и една од членките на ЕУ, Унгарија, што значи дека Европскиот фронт, европската идеја за разрешување не наидува на недвосмислено прифаќање на сите земји членки на Европската унија. И самото тоа што Зеленски веќе сфати дека мора да ја смири топката и да се врати на преговарачката маса, кажува дека и самиот тој го има увидено тоа дека без медијација на САД овде не може да се зборува за траен мир, за привремен мир, за некои почетни преговарачки постапки“, вели Нацев.
Според него, сега е дополнително комплицирано што Договорот за минерали веќе е во втора ревизија.
„Сега се зборува дека веќе има ревидиран договор, втора верзија која што беше преставена потпретседателот Џеј Ди Венс и каде што по дипломатски пат се пробува да се излобира тој договор да биде прифатен. Сѐ уште постојат несогласувањата околу процентите, времетраењето, што тоа значи за Украина, дали економската инвестиција на САД во Украина во суштина би ја гарантирало безбедноста на Украина, треба да видиме како тоа ќе се испегла.
-Ние гледаме една голема промена во американската надоврешна политика. Таа промена недвосмислено ќе донесе и одредено влијание и во европската надворешна и безбедносна политика. Европа за прв пат е исправена пред толку сериозен предизвик. Сега е многу поостра реториката која доаѓа од САД. Сега играчите околу Трамп, неговата прва постава е многу по дрска, по нерезервирана. Ова цврсто газење на американската дипломатија сметам дека нема да застане тука, тој договор за минерали ќе биде потпишан, впрочем не треба да заборавиме и на силината со којашто САД оди кон постигнување на потпишување на тој договор“, вели Нацев.
Околу тоа дали на повидок е нов светски поредок САД-Русија-Кина со исклучена Европа, Нацев смета дека Европа не може да се занемари во толкава мера да нема никаков глас во тој светски поредок.
„Но мислам дека потребно е мало реосмислување на политиките и за зацврстување на ЕУ како важен играч, играч кој што може да се осамостои до тој степен да може да донесува самостојни одлуки. Веќе е на сцена ново геополитичко прегрупирање. Да не заборавиме дека Европа за прв пат донесе стратешки документ којшто требаше да се однесува на полето на одбраната, безбедноста и надворешната политика. Стратешкиот компас кој беше донесен на ниво на ЕУ е еден сигнал со кој Европа за прв пат инвестира значително повеќе средства во одбраната и безбедноста, зајакнување на воената инфраструктура па и единици за брзо распоредување. Така што факт е дека ЕУ работи на тоа свое осамостојување, вели Нацев и додава дека македонското коспонзорство на американската резолуција во ОН нема да се одрази врз аспирациите за членство во Унијата.
„Голем дел од европските држави, како што минува времето ќе се приклонат, бидејќи во Европа има веќе одреден замор од она што се случува во Украина“, смета Нацев.
Целото интервју со Александар Нацев, универзитетски професор и безбедносен експерт, дадено за магазинот „Трилинг“ погледнете го во видеото.