(ВИДЕО) Во „Трилинг“ со Барбареев, Положани и Дачевски

Во „Трилинг“ разговараме со Кирил Барбареев универзитетски професор, Лура Положани, истражувач на Универзитетот во Грац и Глигор Дачевски, директор на компанијата Комплит Синерџи.

Во „Трилинг“ разговараме со Кирил Барбареев универзитетски професор, Лура Положани, истражувач на Универзитетот во Грац и Глигор Дачевски, директор на компанијата „Комплит Синерџи“.

Фото: Трилинг / Кирил Барбареев

„Мислам дека немаме визионерско мислење и визионерски поглед во смисла на трансформацијата на образованието, науката и културата. Кога го зборувам тоа, мислам дека таа институција, како што е МАНУ, треба да биде предводникот во којшто ќе се надоврзат сите други институции во општеството и во државата, коишто ќе ги постават клучните прашања за реформата на образованието и на општеството.

-МАНУ треба да биде предводник во реформите затоа што според мене контекстот е таков во којшто треба да се пронајде таква институција којашто ќе ги интегрира сите структури во општеството. Затоа мислам дека тоа сепак треба да биде најважната и најстручната научна и духовна институција, којашто треба врз основа на реформата да постави три клучни прашања. Француската академија излезе со документ којшто се вика „Училиштето за кое сонувам“. Во тој документ поставени се три прашања – каков човек ние сакаме да развиваме, во какво општество сакаме да живееме и кои ќе бидат нашите вредности коишто ќе не повлечат напред и што е она што треба да го оставиме позади нас.

-Затоа таа институција треба да даде еден холистички пристап на трансформацијата на воспитно-образовниот систем. Не само како контекст на она што претставува материјал или контекст на пренесување на знаење, туку во еден многу поширок социо-културен контекст којшто треба да ги интегрира општествените, хуманистичките, природните и медицинските науки, за да можеме да се трансформираме и да можеме да е погледнеме, да се визионираме што е тоа што ние сакаме како македонско општество да го имаме за 20 или 30 години од денес“, изјави за „Трилинг“, универзитетскиот професор Кирил Барбареев, говорејќи за состојбите во образованието.

Фото: Трилинг / Кирил Барбареев

Професорот смета дека кај нас се релативизира она што значи квалитет, но светот сѐ уште постојат јасно дефинирани критериуми за тоа што всушност претставува наставно-научен развој.

„Вие во општество кога ќе ја релативизирате вистината, кога ќе создадете структура во којашто може и без критериуми, или се релативизираат критериумите, тогаш создавате општество во кое нема разлика. Таму каде што нема разлика, нема тежина. Еден од клучните моменти е всушност како ќе се стандардизира концептот на воспитание и образование. Тоа е многу важна тема за да можеме да создадеме момент во којшто младите ќе препознаваат дека овде се почитува вредноста, дека овде се почитува трудот, а не некакви релативизирани можности дека секој се може, дека секој секаде може да стигне“, изјави Барбареев.

Фото: Трилинг / Кирил Барбареев

Осврнувајќи се околу прашањето дали имаме изместени вредности, Барбареев вели дека тоа е така и дека ние немаме направено пресврт после деведесеттите години напуштајќи го тоа уредување и влегување во сосема нов концепт на општество и на држава.

„Ние не направивме една анализа што е тоа добро што можевме да го преземеме од минатото и искуството на овој систем, а што е тоа што треба да го отфрлиме. Токму тука всушност се наоѓа моментот на којшто општествените и хуманистичките науки, како и другите научни дисциплини, треба да го параметрираат македонското општество во еден сосема поинаков концепт на 21-ви век во кој посакуваме да живееме многу поквалитетен живот“, вели Барбареев и додава дека сме општество на дисконтинуитет.

-Затоа настануваат такви промени. Образованието подлежи на три клучни моменти. Тоа мора да го разбереме сите, особено оние коишто ги креираат образовните политики. Тоа бара прво стабилност, бара постојано финансирање, одржување и збогатување на средината и трето – бара континуитет. Ако ги анализирате тие три елементи ќе видите многу моменти во кои одредени процеси се започнати па стопирани, стартувани на ново. Тие процеси зборуваат за нашата култура на споделена одговорност на сите во општеството.

-Можеби сѐ уште немаме капацитативност да ја разбереме свесноста што значи образование и воспитание, колку тоа се одразува на се во општеството и се во државата. Ние реагираме на одредени процеси во општеството кога тие ќе дојдат во некаква екстремна ситуација, или веќе се случила некаква катастрофа. Тогаш започнува некаква еуфорија за дискусија на таа тема и понатака целото тоа заминува во депресија. Немајќи таква култура на споделена одговорност, во којашто институциите ќе ги преземаат одговорностите и ќе бидат многу поактивни во превенирањето на одредени процеси, ние заглавуваме во начинот на решавање на ситуации. И кога некој зборува – немаме систем, тоа всушност кажува дека институциите не функционираат како систем. Тие функционираат како збир на луѓе кои внатре се борат да ги решаваат комплексностите и да ја одржуваат контролата на одредена ситуација или на некаков проблем. И ќе видите дека многу голем дел од институциите се држат на ентузијазмот и волјата на луѓето затоа што се свесни што значат таквите институции. Но генерално кога ќе ја направиме сликата за тоа како функционираме како систем, ние тука потфрламе“, вели професорот.

Фото: Трилинг / Лура Положани

„Жално е што сѐ уште треба студенти Албанци, кои се државјани на оваа држава да протестираат за нешто толку базично, како што е правото на јазик. Јас знам дека оваа тема е секогаш контенциозна во Македонија, но секогаш сум се надевала дека доаѓаме до еден степен каде што сме ги преминувале овие теми и дека сме прифатиле дека сите сме дел од истото општество. Но доаѓаат вакви моменти каде ти е јасно, дека сѐ уште можеби немаме такво разбирање едни за други“, изјави за „Трилинг“ Лура Положани, истражувач на Универзитетот во Грац, говорејќи околу протестите на студентите за правосудниот испит да може да се полага на албански јазик.

Фото: Трилинг / Лура Положани

Говорејќи за тоа што ќе се случи со судско-истражните постапки ако добро не се познава и применува македонскиот јазик, Положани смета дека никој не вели дека нема да се применува.

„Дали ако положиш на албански потоа нема да работиш на македонски јазик? Еве јас на факултет ниту еден испит не сум го положила на македонски јазик, но еве со вас говорам на македонски. Тука треба да се спомене и контекстот. Оваа Влада прави една тензија со јазикот. Го употребува ова на начин пак да ги буди овие посентиментални, емотивни теми, со национализам. Државата има многу проблеми, и тие проблеми ВМРО-ДПМНЕ многу често ги сокрива со национализам, и гледам дека и новото ВМРО го прави истото“, вели Положани.

Фото: Трилинг / Лура Положани

Околу (не) почитувањето на македонските национални обележја, како химната, знамето, Положани вели дека не се работи за непочитување доколку се пее албанската химна.

„Ако јас на пример ја пеам албанската химна, дали тоа значи дека не ја почитувам македонската? Според мене не. Јас можам и двете да ги пеам и ако ја пеам македонската химна, не значи дека не ја почитувам албанската химна и обратно. Тоа значи дека на Албанците, во овој случај, за оваа тема која е поврзана со јазикот и идентитетот, им е начин на декларирање. Дали има бои на национализам? Да, има, но секогаш треба да мислиме на контекстот, односно во овој случај се случува нешто од државата што е националистичко на одреден начин, и тие што протестираат исто така го употребуваат тој јазик на симболи“, смета Положани.

Фото: Трилинг / Глигор Дачевски

„Генерално има два погледа на продорот на вештачката интелигенција. Едниот е дека ќе биде катастрофа, луѓето ќе изгубат работа. Јас не го делам тоа мислење. Јас мислам дека како и секоја индустриска револуција претходно, како што беше машинската, или оваа со компјутеризацијата, автоматизацијата на фабриките, донесуваат бенефит за луѓето. Така и ВИ револуцијата ќе донесе бенефит. Се разбира дека ќе се изгубат некои работни места. Веќе има влијанија на компании што претходно се занимавале со некаква автоматизација на дигитални процеси. Тоа сега ВИ го презема многу брзо и многу едноставно. Но мислам и дека ќе се отворат нови работни места за луѓе кои ќе знаат како да завршат работа со ВИ“, изјави во „Трилинг“ Глигор Дачевски, директор на компанијата „Комплит Синерџи“, околу тоа што не очекува од налетот на вештачката интелигенција, кои работни позиции ќе бидат загрозени, и дали ќе се отворат нови позиции.

Фото: Трилинг / Глигор Дачевски

Околу тоа дали македонскиот пазар на работна сила и натаму ќе биде трудо-интензивен, како и тоа кој и како може да се преквалификува за новите звања, Дачевски смета дека тоа зависи многу од луѓето.

„Ние како ВИ, бидејќи предничиме во таа работа, секако дека се осврнуваме на тоа, го решаваме со интерни обуки, со заеднички стратегии. ВИ колку што е добро има и предизвици. Има предизвици околу безбедноста, околу интелектуалната сопственост, но сега се формираат тие официјални ставови на компаниите како ќе постапуваат со ВИ. Во тој контекст, за она префрлување, луѓето треба да се приспособат на тоа и да научат да работат со новите алатки, исто како што беше со старите“, вели Дачевски.

Фото: Трилинг / Глигор Дачевски

За тоа дали и денес добро платените македонски информатичари и натаму гледаат дека подобра е перспективата надвор отколку дома, Дачевски посочува пример:

„Од кај нас двајца си заминаа кај нас во Шведска. Тие не заминаа бидејќи не им чинело кај нас во компанијата, туку заминале затоа што нешто не им се допаѓало тука. Но во меѓувреме се врати и еден човек од Шведска од нашата компанија, кај нас во канцеларија во Скопје, затоа што сметал дека тука подобро ќе ги одгледа децата, дека му фали македонското парче земја. Генерално мислам дека искусните и тие што се доволно способни, заработуваат доволно за добар живот тука. А дали другите компоненти им се допаѓаат или не, тоа е лична определба“, вели Дачевски.

Погледнете го целото издание на „Трилинг“