
Велика Британија со загуба од 29 милијарди фунти поради Брегзит
Обединетото Кралство претрпе загуба од 29 милијарди фунти (32,8 милијарди евра) во деловни инвестиции од референдумот за Брегзит во 2016 година, или 1.000 фунти (1.130 евра) по домаќинство, според студијата на Банката на Англија.
Џонатан Хаскел, надворешен член на деветчлениот комитет за монетарна политика на Банката на Англија, кој ги одредува каматните стапки во Велика Британија, изјави дека инвестициите во приватниот сектор биле „запрени“ по одлуката за напуштање на Европската унија, пренесува Танјуг, повикувајќи се на на Гардијан.
Тој рече дека веднаш по гласањето, ОК почна да заостанува зад трендот од претходните шест години и „страдаше многу повеќе“ во споредба со другите големи индустријализирани економии, отворајќи јаз во продуктивноста што остави трајни лузни.
Студијата на Хаскел и неговиот тим веројатно ќе поттикне загриженост дека гласањето за Брегзит и стратегијата усвоена од поранешниот премиер Борис Џонсон за напуштање на единствениот пазар на ЕУ и царинската унија предизвикаа непоправлива штета на економијата на Обединетото Кралство.
На таен меѓупартиски самит минатата недела, на кој се собраа водечките членови на кабинетот во заминување, се разговараше за тешкотиите на Велика Британија по напуштањето на ЕУ и што може да се направи за да се подобри ситуацијата.
Повеќето студии кои ја разгледуваат загубата на националниот доход или бруто домашниот производ (БДП) на Обединетото Кралство се фокусирани на трговијата.