
Бугарски државјани вчера бил приведен во Скопје, откако се обидел да подмити полициски службеници, нудејќи им пари за да не му пишат казна за сторен сообраќаен прекршок.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи утрово, 60-годишниот бугарски државјанин со иницијали Б.Е.Г. од Петрич бил приведен околу 14 часот од полициски службеници од Полициската станица „Кисела Вода“, поради сторено кривично дело давање поткуп.
Тој бил запрен од полицајците откако со товарно возило „ивеко“ поминал нa црвено светло на семафор.
„Откако полициските службеници му ја побарале сообраќајната дозвола и му укажале дека ќе му биде изречена глоба, Б.Е.Г. во сообраќајната дозвола ставил пари (евра) и рекол дека тоа го направил за да се почестат, односно да не му изречат глоба“ – се наведува во соопштението од МВР.
По ова, се додава во соопштението, полициските службеници веднаш го лишиле од слобода поради сторено кривично дело давање поткуп по член 358 од Кривичниот законик.
За случајот е известен јавен обвинител и по неговото документирање против бугарскиот државјанин до Основното јавно обвинителство ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка.
Инаку, според посочениот член од Кривичниот законик казната за ова кривично дело се движи од парична казна, доколку е сторено од правно лице, до казна затвор од една до пет години.