Едностраната декларација на Бугарија за македонскиот јазик покажа дека нашата земја ја чекаат неизвесни пристапни преговори исполнети со сопки и по евентуалното внесување на македонските Бугари во нашиот устав кое треба да се случи пред да продолжи меѓувладината конференција во Брисел.
Во едностраната декларација на Бугарија со која не се признава постоење на македонскиот јазик, туку официјален јазик на Република Северна Македонија според нејзиниот Устав и јазик за превод на законодавството на ЕУ, Софија го потврди својот став дека нашиот јазик е регионална писмена норма на бугарскиот, односно негова рекодифицирана норма.
„Бугарскиот литературен јазик има шест регионални писмени норми (кодификации). Три од нив се засновани на дијалекти, а три на литературен бугарски јазик. Создавањето на „македонскиот јазик“ во 1944-1945 година во поранешна Југославија беше чин на секундарна кодификација (ре-кодификација) врз основа на бугарскиот литературен јазик, дополнително „збогатен“ со локални форми, со што се симулираше „природен“ процес заснован на дијалектна форма“, стои во декларацијата од Софија.
Во декларацијата на бугарското МНР само е пренесен ставот за македонскиот јазик кој е потврден од лингвистите во Бугарската академија на науките со студија од 2020 година.
БАН смета дека постои македонски јазик и не го оспорува правото на луѓето во Македонија да имаат свој идентитет и да го нарекуваат својот јазик како што сакаат.
„Бугарскиот спор е каква е природата на официјалниот јазик на Скопје.Ставот на бугарската држава е дека ова е повторно кодифицирана норма на бугарскиот јазик изведена во 1994-45 година во Вардарска македонија, од неа не можеме да отстапиме. Скопје тврди дека со почетокот на преговорите за членство во ЕУ, ЕУ практично го признава македонскиот јазик. Но, тука мора да кажеме дека јазиците не подлежат на меѓународно признавање“, истакна професорот Спас Ташев од Институтот за население во БАН за бугарски „Труд“.