Борис Тадиќ пак ќе се кандидира за претседател на Србија?
На 3. април во Србија ќе се одржат редовни претседателски, вонредни парламентарни и изборите за град Белград.
Владеачките партии, (СНС) и (СПС), според медиумите кај нашиот северен сосед, најверојатно ќе имаат заеднички претседателски кандидат – актуелниот шеф на државата, Александар Вучиќ.
Во Здружената опозиција на Србија се уште се водат разговори околу кандидатите и настапот на изборите, но засега најголеми шанси за нивен претседателски кандидат има пензионираниот генерал Здравко Понош.
Поранешниот претседател на Србија и лидер на Социјалдемократскиот сојуз (СДС), Борис Тадиќ рече дека во најбрз можен рок ќе соопшти дали ќе се кандидира повторно за шеф на државата.
„Ќе донесам одлука и ќе ја објавам што е можно поскоро. Воопшто не се двоумам, но чекам јасно да се постават сите параметри за да можам да донесам добра проценка и правилна одлука. Јас прв ја објавив можноста за кандидатура оваа пролет и постојано велам дека таа одлука ќе ја донесам наспроти оценката дали другите кандидати не само што можат да го победат Вучиќ, туку и да донесат реални и неопходни промени“ – рече Тадиќ.
Анкетите во Србија посочуваат дека опозицијата најголеми шанси за победа има на изборите за град Белград, но само ако настапи обединето на овие избори.