Борел: Србите да се вратат во институциите

Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, во Париз побара од Белград и Приштина „да најдат итно решение за актуелната криза“. Тој нагласи дека Србите треба да се вратат во косовските институции и дека Косово мора да ги усогласи своите постапки во однос на регистарските таблички со договорите од Бриселскиот дијалог и веднаш да започне преговори за формирање Заедница на српски општини.

Борел ова го истакна во соопштението објавено во Брисел, по одвоените средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и со премиерот на Косово, Албин Курти.

Тој посочи дека обврските од дијалогот меѓу Белград и Приштина „се уште важат и обврзувачки“.

Високиот претставник на ЕУ, исто така, изјави дека „со оглед на војната во Украина, Европа не може да има уште еден конфликт на нејзино тло“, нагласувајќи дека Белград и Приштина се одговорни да го избегнат тоа и да се воздржат од унилатерални акции и потпалувачки пораки.

Борел, заедно со претставникот на ЕУ за Косово, Мирослав Лајчак, разговараше со Вучиќ и Курти и ги повика „двете страни да се ангажираат конструктивно и да покажат подготвеност за компромис и да ги почитуваат обврските од дијалогот“.

„Неподготвеноста да се спроведат обврските и брзо да се намали тензијата ќе има штетни последици пред се за народот на Косово и Србија, за европската иднина на двете страни и довербата во нив во очите на европските и меѓународните партнери“, предупреди високиот претставник на ЕУ.

Како што се наведува во соопштението, „актуелната геополитичка ситуација бара уште повеќе да се надминат наследствата од минатото и да започнат значајни преговори за она што е навистина важно за Косово, Србија, нивните народи и целиот регион, а тоа е нормализација на односите меѓу двете страни како клучен фактор за нивниот напредок на европскиот пат“.

Борел изјави дека членките на ЕУ ќе го информираат состанокот на шефовите на дипломатиите во понеделник за разговорите со Курти и Вучиќ.