Борел за тензиите на Косово: Решение треба да се постигне пред 21 ноември

Шефот на дипломатијата на Европската Унија предупреди дека решение за табличките на северот на Косово треба да се постигне пред 21 ноември. „Не смееме да го дочекаме тој датум без договор“, предупреди Жосеп Борел на конференција за новинарите на крајот на средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ на која се расправаше за тензиите меѓу Белград и Приштина.

Борел изрази спремност да ги повика во Брисел претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Аљбин Курти за да најдат решение за табличките. Според Борел, можната средба на лидерите ќе зависи од исходот на средбата на главните преговарачи кои во следните денови ќе престојуваат во Брисел.

Оцени дека станува збор за „најсериозната криза од 2013 година“ и побара од страните да се ангажираат околу смирувањето на тензиите.

Односните на Србија и Косово беа во фокусот на расправата посветена на случувањата на Западниот Балкан, на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ денес, 14 ноември.

Според најавата, високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност требаше да ги извести шефовите на дипломатиите за застојот во дијалогот на Белград и Приштина и состаноците кои минатата недела ги имаше во Париз со Курти и Вучиќ.