Борел ги вика Вучиќ и Курти во Брисел на продолжување на дијалогот

Шефот на дипломатијата на Европската Унија ги повика претседателот на Србија Александар Вучиќ и косовскиот премиер Аљбин Курти да одат во Брисел и да го продолжат дијалогот за сите отворени прашања, јавува Радио слободна Европа.

Повикот е испратен поради засилените тензии на северот на Косово, поттикнати од одлуката на Приштина наместо документите за идентификација и регистарските таблички издадени во Србија, да издава тримесечни документи за влез и излез за државјаните  на Србија кои доаѓаат на територијата на Косово, а табличките со српските ознаки да ги замени со РКС.

Изворите на РСЕ во Брисел предупредуваат дека тензиите се директна последица на „недостигот од волја на лидерите да седнат на маса“ и да го продолжат бриселскиот дијалог.

Пред стапувањето на сила на одлуката на владата на Косово, предвидено за 1 август на полноќ, Србите на Косово ги блокираа во неделата 31 јули патиштата кон административните премини со Србија, Јариње и Брњак, а Вучиќ ги повика Приштина и Западот да се вразумат за да се избегнат конфликти.

По интервенцијата на Вашингтон врз Приштина косовската влада најави дека ја одложува примената на одлуката до 1 септември, со услов да се тргнат блокадите. Според српските медиуми, барикадите вчера биле отстранети, но премините Брњак и Јариње не се отворени, па на Косово може да се влезе само преку Мердаре.