
Битиќи, Узунов, Заевска, Митевски: Без инвестиции во образованието, здравството и продуктивноста, нема побрз економски раст
Во услови на растечки економски предизвици и сè поголеми притисоци врз јавните финансии, прашањата за управувањето со јавниот долг, економската одржливост и директното влијание на економските политики врз секојдневниот живот на граѓаните беа во фокусот на денешната јавна дебата насловена „Кој ја плаќа цената? Јавен долг, економска одржливост и животен стандард“, пишува во денешното соопштение.
Во услови на растечки економски предизвици и сè поголеми притисоци врз јавните финансии, прашањата за управувањето со јавниот долг, економската одржливост и директното влијание на економските политики врз секојдневниот живот на граѓаните беа во фокусот на денешната јавна дебата насловена „Кој ја плаќа цената? Јавен долг, економска одржливост и животен стандард“, пишува во денешното соопштение.
Настанот, организиран од Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Канцеларија Скопје во хотелот „Холидеј Ин“, обедини претставници од законодавната власт, бизнис-заедницата, академската фела и граѓанскиот сектор со цел да се поттикне отворена и аргументирана дискусија за тоа како се распределуваат финансиските товари и кои политики можат да обезбедат социјално праведен развој.
На панел-дискусијата, која ја модерираше новинарката Анета Додевска од Телевизија 24, своите ставови и анализи ги споделија пратеникот во Собранието Фатмир Битиќи, основачката и извршна директорка на „Elson Solutions“ Олимпија Христова Заевска, професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Ванчо Узунов и извршниот директор на Здружението за истражување и анализи – ЗМАИ, Виктор Митевски.
Професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Ванчо Узунов, оцени дека главниот проблем на македонската економија е отсуството на долгорочна развојна стратегија и сведувањето на економските политики на краткорочни партиски мандати, нагласувајќи дека вистинскиот развој го создаваат граѓаните и фирмите, а не политичките партии.
„Дали живееме подобро? Не значи ако имаме повеќе дека автоматски сите граѓани живеат подобро. Прво треба да има многу повеќе, а второ како е тоа распределено. За 35 години имаме просечна стапка од околу 2,5 отсто раст на БДП, бидејќи Македонија нема модел и стратегија за економски развој. Развојот е сведен на бројки и на тоа што политичките партии замислуваат во даден момент, а нивните хоризонти завршуваат со четиригодишниот изборен мандат. Растот не е резултат на партиите, тие можат да го поттикнат, но го создаваат граѓаните и фирмите. Нема подобри капитални инвестиции од инвестициите во образованието и здравството“, истакна Узунов.
Извршната директорка на „Elson Solutions“, Олимпија Христова Заевска, посочи на сериозното разидување меѓу потенцијалот на земјата и реалната економска реализација, предупредувајќи дека државата плаќа скапа цена поради слабата искористеност на достапните фондови, недоволно квалификуваната работна сила и отсуството на пренос на знаење од странските инвестиции.
„Пари има, и од ЕУ-фондови и домашно доколку попаметно се преструктурираат, но нашата економија постојано плаќа за тоа што не си ја завршуваме домашната работа и не подготвуваме добри проекти. Капиталните инвестиции со години доцнат, плаќаме високи пенали и затезни камати, а од околу 650 милиони достапни преку Реформската агенда, сме повлекле само околу 150 милиони. Во исто време, живееме во сериозен ‘mismatch’, од една страна имаме огромен прозорец на можности да привлечеме странски инвестиции поради нашата географска положба, а од друга страна немаме доволно висококвалификувана работна сила. Ниедна влада досега не успеа да го искористи таканаречениот ‘spill-over’ ефект и да го задржи знаењето тука; даваме државна помош, без да ги условиме странските компании сериозно да инвестираат во домашниот човечки капитал“, нагласи Христова Заевска.
Пратеникот во Собранието, Фатмир Битиќи, оцени дека заеднички именител на буџетите за 2025, 2026 и 2027 година е прекумерното задолжување кое наместо за развој, се користи за покривање на тековните расходи, предупредувајќи дека со тоа се нарушува фискалното „златно правило“ според кое дефицитот треба да финансира исклучиво капитални инвестиции.
„Ако ги читате буџетите за 2025, 2026 и 2027 година, заедничкиот именител е прекумерното задолжување за покривање на тековните расходи. Дури и ако целосно ги елиминирате капиталните инвестиции за 2027 година, ќе недостигаат уште 68 милиони за да се покријат тековните трошоци. Во 2023 година бевме влезени во фискална консолидација и го исполнивме златното правило – дефицитот беше помал од капиталните расходи. Денес имаме обратна тенденција: во 2025 година дефицитот е 41,8 милијарди наспроти 28,6 милијарди капитални расходи, а во 2026 дефицитот е 46,3 милијарди додека реалната реализација на капиталните инвестиции ќе биде околу 28 до 29 милијарди. Во такви услови, паѓа во вода тезата дека се задолжуваме за да креираме дополнителна развојна вредност“, истакна Битиќи.
Извршниот директор на ЗМАИ, Виктор Митевски, предупреди на социјалните импликации и цената што ја плаќаат граѓаните.
„Македонија одамна ги исполни условите за да започне преговори со ЕУ. Сепак, денес достигнува само 64% од европскиот просек на благосостојба, а со сегашното темпо ќе ни бидат потребни уште 52 години за да го достигнеме. Овие бројки јасно покажуваат дека немаме луксуз за неефикасно трошење на јавните средства и задолжување без долгорочни развојни ефекти. Секој буџетски денар мора да создава поголема вредност за граѓаните, преку подобро образование, здравство, повисока продуктивност и поквалитетни јавни услуги. Задолжувањето има своја економска оправданост кога придонесува за побрз развој и повисок животен стандард. Во спротивно, цената ја плаќаат граѓаните преку пропуштени можности денес и поголеми финансиски обврски утре. Вистинската мерка за одговорни јавни финансии е каков и колкав развој создаваме со долгот што им го оставаме на следните генерации“, додаде Митевски.