Бислимоски – Се противам на поскапување на струјата од Нова година

Планираме воведување блок тарифи за струјата кај фирмите на регулиран пазар, исто како има за граѓаните. Најскапата тарифа може да биде со цени повисоки од пазарните за да се спречат фирмите кои се на слободен пазар да се враќаат и да трошат од поевтината струја наменета за граѓаните и малите фирми, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.

  • Јас сум противник да има поскапување на електричната енергија. Прво треба да направиме анализи, да видиме како се обезбедуваат потребите на малите потрошувачи и на домаќинствата на регулираниот пазар и како е планот догодина да бидат обезбедени. Кога имаше потреба да се зголеми цената на електричната енергија поради надворешни влијание, пред сè поради зголемена цена на увоз и реално ЕСМ пред две години имаше цена од 34 евра за мегаватчас, што е една неодржлива ситуација. Регулаторната комисија за енергетика ја зголемуваше цената на електричната енергија, не сме бегале од одговорност, но сега треба малку да застанеме, да направиме анализи што се случило во 2022, што е планот за 2023, а потоа да се носат соодветни одлуки. Она што е особено битно сега е да го видиме влијанието на воведувањето на блоковската структура кај домаќинствата. Верувам дека голем број домаќинства инвестираа и во енергетска ефикасност и во начини на греење коешто се обезбедува со помала потрошувачка на електрична енергија и таа намалена потрошувачка ќе му обезбеди и на ЕСМ, како компанија којашто целосно ги обезбедува потребите да има вишоци на електрична енергија коишто ќе ги продава на слободниот пазар по повисоки цени. Па така, доколку остварувал минуси на регулираниот пазар, со тоа што би го продавал на слободниот пазар би си ги покрил тие минуси. Затоа велам, треба да се направат анализи, да ја нагазиме топката малку и да видиме каде ќе тераме. Ако се преземе обврска дека ќе се обезбеди од домашно производство, вклучувајќи и ТЕЦ Неготино, да се обезбеди од домашно производство.