
Бислимоски: Од 1 јули може да се врати дневната евтина струја
„РКЕ самата го носи тарифниот систем и сега се прават анализи дали е возможно од економска гледна точка да се врати евтината струја во текот на денот. Сега треба да видиме колкаво ќе биде домашното производство на струја, а според најавите на ЕСМ ќе биде зголемена за барем 10 отсто. Го анализираме и фактот што имаме голем број изградени фотоволтаици кои се главно изградени на големите компании. И третиот момент е што цената на електрична енергија кога произведуваат фотоволтаиците е поевтина отколку во останатиот дел од денот. Тој тренд во лето ќе продолжи па и тој елемент го анализираме“ – рече Марко Бислимоски, претседателот на РКЕ на тв24.
-Сега во периодот кога беше најскапа електричната енергија поради фотоволтаиците имаме најевтина струја. Оттука, можно е ако покажат така пресметките да се врати дневната евтина струја. Од тоа најголема придобивка ќе имаат пензионерите кои се дома и кои многу внимаваат на тоа како се троши струјата а освен тоа најредовно ги плаќаа сметките во време на ковид-пандемијата и ја одржуваа ликвидноста на ЕСМ, вели Бислимоски.
Според Бислимоски, таква евентуална промена би се случила на 1 јули кога вообичаено се прават промени на цените на енергетските услуги. Евтината струја секој ден ЕСМ го чинеше 16 милиони евра годишно, вели Бислимоски.
-Ова што се случува со обемноста на изградбата на фотоволтаици не се случува само во Македонија туку и во целиот регион. Освен тоа, компаниите инвестираа во енергетски ефикасни начини на производство. Оттука, може да се случи во летен период да имаме цени на струјата блиски до нула па дури и во минус, вели Бислимоски.