АХВ со акција против сипаниците: Ќе се вакцинираат над 438 илјади животни

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) започна со дистрибуција на 400.000 дози вакцини против болеста сипаници кај овци и кози до ветеринарните друштва низ земјата. Вакцините се обезбедени како донација од Европската Унија, а се од турско производство.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) започна со дистрибуција на 400.000 дози вакцини против болеста сипаници кај овци и кози до ветеринарните друштва низ земјата. Вакцините се обезбедени како донација од Европската Унија, а се од турско производство.

Според најавите од АХВ, по завршувањето на подготовките и согласно одобрениот План за вакцинација од страна на Европската Унија, од среда се очекува да започне и аплицирањето на вакцините директно на терен кај сточарите.

Пред почетокот на кампањата, вакцините биле подложени на лабораториски испитувања во лабораториите на Факултетот за ветеринарна медицина. Од АХВ информираат дека е потврден нивниот квалитет, микробиолошката исправност и јачината, како и нивната ефикасност во заштитата на добитокот од оваа болест.

Со вакцинацијата ќе бидат опфатени вкупно 3.417 стада со 438.042 овци и кози во осумте региони во државата.

Првата фаза од кампањата ќе ги опфати Вардарскиот, Источниот, Југоисточниот и Североисточниот регион, каде се евидентирани 1.859 стада со вкупно 193.527 животни.

Во втората фаза ќе бидат опфатени Југозападниот, Пелагонискиот, Полошкиот и Скопскиот регион, каде треба да се вакцинираат 1.558 стада со 244.515 животни.

По завршувањето на првите две фази, ќе следува и дополнителна вакцинација со цел да се постигне најголем можен опфат на целната популација. Во оваа фаза ќе бидат вклучени јагниња и јариња кои ја достигнале потребната возраст за вакцинација, животни кај кои вакцинацијата била привремено одложена поради здравствена состојба или проценка на ветеринар, како и фарми кои не биле достапни во текот на почетната кампања.

Дополнително ќе бидат опфатени и животни кај кои вакцинацијата била одложена поради сомнение за инфекција, но само по одобрение од надлежен официјален ветеринар.

Од АХВ посочуваат дека кампањата ќе се спроведува кај клинички здрави овци и кози, во согласност со упатствата за употреба на вакцината и проценката на ветеринарните лица. Бремените животни, болните животни и другите специфични категории ќе бидат третирани согласно препораките за конкретниот ветеринарно-медицински препарат.

Податоците на АХВ покажуваат дека од почетокот на годинава досега се регистрирани 115 жаришта на болеста сипаници кај овци и кози. Како последица на болеста угинале 875 животни, додека 9.359 животни биле нештетно отстранети како превентивна мерка.

Ветеринарните власти очекуваат со масовната вакцинација да се намали ширењето на болеста и да се обезбеди поголема заштита на сточниот фонд во земјата.