АХВ: Досега заловивме 96 говеда во Крива Паланка, се соочуваме со непристапен терен и опструкции од поранешните сопственици

Бидејќи државата се уште нема одговор како ќе се справи со кравите ,,шетачи” во Крива Паланка, кои претставуваат опасност за жителите, побаравме одговори од Агенцијата за храна и ветеринарство колку крави досега заловиле, бидејќи уште од пред две и пол години требаше да постапуваат по решенија за одземање на животните.

Бидејќи државата се уште нема одговор како ќе се справи со кравите ,,шетачи” во Крива Паланка, кои претставуваат опасност за жителите, побаравме одговори од Агенцијата за храна и ветеринарство колку крави досега заловиле, бидејќи уште од пред две и пол години требаше да постапуваат по решенија за одземање на животните.

-Од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство во Крива Паланка досега се заловени вкупно 96 говеда, одговорија од АХВ за ,,Фокус”.

На нашето прашање пак дали и во изминатиот период се постапува по решенијата за одземање на кравите кои неконтролирано се шетаат низ Крива Паланка, од АХВ велат дека превземаат активности, но се соочуваат со опструкции на терен.

-Агенцијата за храна и ветеринарство спроведува активности за справување со проблемот со говедата, односно нивно заловување и покрај предизвиците со кои се соочува – непристапен терен и опструкции од поранешните сопственици. Се работи на изнаоѓање на соодветно одржливо решение за решавање на овој проблем со координација и соработката со сите надлежни институции, вклучително и со локалната самоуправа, со цел заедничко преземање на соодветни активности и изнаоѓање решение во рамки на законските надлежности на секоја институција, водејќи сметка за заштитата на здравјето на луѓето и благосостојбата на животните, посочуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Денеска градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, пак, поднесе кривични пријави за службени лица во Агенцијата.

-Денес, заедно со моите сограѓани, поднесуваме неколку кривични пријави поради сомневања за злоупотреба на службената положба, неспроведување на правосилните и извршни решенија за одземање на добитокот и загрозување на безбедноста и здравјето на граѓаните.

Бараме да се испита одговорноста на надлежните службени лица во Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за управување со одземен имот.

Поднесовме и претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата, како и барање за вонреден инспекциски надзор до Државниот управен инспекторат поради неспроведувањето на решенијата, информираше градоначалникот.

Тој неодамна побара Владата да прогласи кризна состојба од 30 дена за да се изнајде трајно решение за кравите, кои според Митовски се околу 1.000 на број.