Апелација драстично ја намали затворската казна на велешанецот кој усмрти дете на пешачки премин

Апелацискиот суд во Скопје ја преиначи првостепената пресуда од Основниот суд во Велес за случајот со прегазувањето и усмртување на малолетното девојче во центарот на Велес кое се случи минатата година во декември.

Казната за возачот Ангелче Николов од изречените 18, Апелација ја намали на осум години затвор. Казната за Николов е намалена за двете дела за кои тој се товареше – „тешки дела против безбедноста на луѓето“ и „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“.

„Апелацискиот суд ја преиначи првостепената пресуда од Основниот суд во Велес од осумнаесет на осум години затвор. Што се однесува до поднесување на жалба, тоа законски е невозможно, што значи дека оваа одлука на Апелација е финална и правосилна“ – велат од судот во Велес.

Оваа одлука на Апелациониот суд е финална, а Николов од притворското одделение, со денешната одлука, ќе биде упатен на издржување на затворската казна. Покрај затворска казна, Николов доби и пет годишна забрана за управување на моторно возило, која ќе биде ефективна од денот на неговото излегување од затвор.

28 годишниот велешанец Ангелче Николов на 17 декември минатата година, возејќи под дејство на алкохол и со неприлагодена брзина во строгиот центар на Велес на улицата„Борис Трајковски“, прегази мајка и нејзината 11 годишна ќерка.

Од силината на ударот, малолетното девојче било исфрлено речиси до следниот пешачки премин на улицата и починало, а возачот Николов воопшто не запрел туку продолжил да вози со голема брзина.

Неговиот мерцедес полицијата брзо го пронајде, а Николов самиот се пријави два дена по сообраќајната несреќа.