
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница донесе одлука за покренување иницијатива до надлежното Основно јавно обвинителство (ОЈО) за поведување кривична постапка против повеќе функционери од централната и локалната власт.
Се работи за градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу и овластениот градежен инспектор на општината, но и за директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски и членовите на централната комисија на агенцијата.
Антикорупционерите сметаат дека Ганиу и овластениот градежен испектор не постапиле законски во случајот со изградба на објект на улица „Војдан Чернодрински” во општината и со тоа овозможиле прибавување корист за друго лице кое градело спротивно на законот.
ДКСК до Владата ќе достави и иницијатива за утврдување одговорност на директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсоски и членовите на централната комисија поради основано сомнение дека го злоупотребиле и не го почитувале ваучер-системот за финансирање фондации и спортски клубови.
Комисијата се сомнева дека претседателот и членовите на централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата кои имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.