Антевски: Секој покрив и необработливо земјиште да се направи извор на енергија!

Бизнисмените ги испорачаа првите предлози до новата Влада за подобрување на бизнис климата во земјава.

Во фокусот се најболните точки за економијата-енергетската криза, судството, даночната политика, екологијатa.

Генералниот директорот на „Раде Кончар-ТЕП“, Горан Антевски во интервју за порталот „Пари“ дава предлози како да се подобри економската слика во земјава.

„Секој покрив и необработливо земјиште да се направи извор на енергија, да се формира Економски валутен борд кој ќе ги спроведува економските реформи во земјава, да се стави крај на судиите`трговци-поединци`, кои судат во личен интерес, да се поттикнува купувањето електрични возила, и да се смени начинот на признавањето на повеќе уплатеното ДДВ од страна на Царината“ вели Антевски меѓудругото во интервјуто.

На прашање каде е излезот од економската криза, тој истакнува:

„Потребно е итно да се смени законската регулатива, и да им се овозможи на граѓаните и компаниите поедноставно и побрзо да инвестираат во обновливи извори на енергија, посебно во фотоволтаици. Моментално законските прописи се премногу комплицирани и ограничувачки за да се инвестира во оваа област“.

Во врска од потребата за поддршка од државата, Антевски смета дека „Владата треба да донесе закон под итна постапка со можност на побрзо инсталирање и приклучување на централите во енергетскиот систем. Сегашните 6-12 мессеци да ги скрати на еден месец со намалување на процедурите и вадење на дозволи, да се стимулираат компаниите и граѓаните кои ќе инвестираат со 10-30% од вредноста на инвестицијата за изградба и поставување на еколошки обновливи извори на енергија“.