Ангеловска-Бежоска: Јасно да се информира за монетарните одлуки за да може да се делува врз очекувањата

Комуникацијата на централните банки е важна не само поради транспарентноста и одговорноста, туку и за задржување на кредибилитетoт, од кој зависи успешното спроведување на монетарната политика. Колку подобро се разбрани одлуките и мерките, толку економските субјекти ќе се однесуваат на очекуваниот начин и полесно ќе се постигне целта на централните банки“. Ова е пораката на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на предавањето што го одржа во рамки на Програмата за бизнис-лидери.

„Битно е јасно да се информира за монетарните одлуки, за причините за нив и за клучните ризици, за да може да се делува врз очекувањата и однесувањето на економските субјекти, а со тоа и врз ефективноста на монетарната политика. Кога се објавуваат одлуките за монетарната политика, се настојува што подобро да се објасни и зошто се донесени, бидејќи е важно да се разбере кои се клучните фактори од кои зависи сегашната и идната монетарна политика. Со подобро разбирање на процесот на носење на монетарните одлуки од страна на пошироката јавност, поефикасно се следат и се оценуваат активностите на монетарната политика“ – посочи Ангеловска-Бежоска.

Од Народната банка информираат дека во изминатиот период се направени значајни напори во растот на квантитетот и квалитетот на комуникација со јавноста со што е зголемена транспаретноста и ефективноста на монетарните политики.