Американската војска пресретнала ирански ракети и дронови насочени кон Кувајт и Бахреин

Американската армија соопшти дека во текот на ноќта одбила голем ирански напад со балистички ракети и беспилотни летала насочени кон цели во регионот на Персискиот Залив.

Американската армија соопшти дека во текот на ноќта одбила голем ирански напад со балистички ракети и беспилотни летала насочени кон цели во регионот на Персискиот Залив.

Според американската Централна команда (CENTCOM), американските сили успешно пресретнале повеќе ирански ракети и дронови, а извршиле и одбранбени напади врз цели на островот Кешм, како одговор на обидите за напади врз американски позиции на Блискиот Исток.

Непосредно пред соопштението на CENTCOM, за напади со ракети и дронови соопштија Кувајт и Бахреин, држави во кои има американски воени бази.

Според американската војска, две ирански ракети лансирани кон Кувајт паднале пред да стигнат до целта, додека три ракети насочени кон Бахреин биле пресретнати од американската и бахреинската противвоздушна одбрана. Американските сили, исто така, собориле три беспилотни летала насочени кон цивилни бродови што пловеле во регионалните води.

Подоцна CENTCOM соопшти дека е одбиен и нов бран ирански дронови насочени кон американските сили во Кувајт, при што немало жртви ниту материјална штета.

Последната ескалација, и покрај важечкото примирје и тековните преговори меѓу Вашингтон и Техеран, според американски извори е поврзана со вчерашна операција на американската војска, во која бил нападнат празен нафтен танкер при обид да влезе во иранско пристаниште.

Одговорноста за возвратните напади ја потврди портпарол на Иранската револуционерна гарда, кој изјави дека Иран претходно предупредил дека на секоја агресија ќе одговори „поинаку и посилно“.

Тој предупреди дека секоја закана за безбедноста на Ормуската Теснина би можела да има сериозни последици за американските воени сили во регионот.