
Алкалоид поуспешен од Еурофарм Пелистер во дербито
Во дербито од 11. коло во македонската Суперлига, вечерва на домашен терен, ракометарите на Алкалоид го совладаа Еурофарм Пелистер со 30-28.
Во дербито од 11. коло во македонската Суперлига, вечерва на домашен терен, ракометарите на Алкалоид го совладаа Еурофарм Пелистер со 30-28.
Битолскиот тим, кој во вторникот го совлада Магдебург во Лига Европа, добро го почна натпреварот во скопска Автокоманда и предводен од капитенот Филип Кузмановски поведе со 3-1.
Составот на Кирил Лазаров одговори со серија од 4-0, по што во продолжението се играше израмнето до 18-тата минута кога при резултат 10-9, Алкалоид наметна свое темпо и на полувремето замина со предност од четири голови (14-10).
Алкалоид во ист стил го отвори второто полувреме и дојде до највисоки +6 (20-14). Еурофарм Пелистер во продолжението ја преполови негативата и дојде на двапати до -3 (21-18, 22-19), но составот на Лино Червар немаше сили да го избегне вториот пораз сезонава во суперлигашкото друштво.
Никола Костески со седум голови беше најефикасен во редовите на Алкалоид, а Марко Кизиќ запиша десет интервенции на голот.
Во составот на Еурофарм Пелистер Кузмановски беше најпрецизен со седум голови, а Никола Митровски на голот имаше 11 интервенции.
Со вечерашниот триумф Алкалоид се искачи на третото место со 18 бодови, а Еурофарм Пелистер падна на четвртото место на табелата со бод помалку.