Адвокатот на Трамп: Политичкиот говор во САД сега е криминализиран

Адвокатот на Трамп, Џон Лауро, ги обвини Бајден и неговата администрација дека дејствуваат за политичка корист.

Џон Лауро, адвокатот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, денеска изјави дека новото обвинение против неговиот клиент е напад на „политички говор“, и дека се работи за политички мотивирани обвинувања, пренесува Танјуг.

„Ова е трагичен ден. Политичкиот говор сега е криминализиран. Постоечкото Министерство за правда и јавен обвинител Мерик Гарланд имаат шеф. Неговото име е Џо Бајден. А Џо Бајден се кандидира против Доналд Трамп“, изјави Лауро во интервју за Фокс њуз.

Тој го обвини Бајден и неговата администрација дека дејствуваат за политичка корист.

„Тоа е навистина зачудувачки документ бидејќи, за прв пат во американската историја, поранешен претседател е кривично гонет од политички противник, поради она во што верувал и поради политиката и политичкиот говор што го одржа како претседател“, рече адвокатот на Трамп.

Специјалниот обвинител Џек Смит во вторникот поднесе ново обвинение против Трамп.

Обвинението се состои од четири точки во кои поранешниот претседател е обвинет за измама на Соединетите Американски Држави, заговор за попречување на службена постапка (пренос на власта), попречување и обид за попречување на службената постапка, како и за повреда на права гарантирани со закони и уставот на САД.