
Федерални имиграциски агенти застрелаа и ранија 28-годишен маж додека бил во автомобил со петгодишно дете во њујоршката населба Марбл Хил, соопштија градските власти.
Според американското Министерство за внатрешна безбедност, агентите на Службата за имиграција и царинска контрола (ИЦЕ) биле во акција за апсење лице од Доминиканската Република, кое претходно било осудувано за кривични дела.
Во акцијата мажот по кој се трагало бил ранет и пренесен во болница, а детето, кое не било повредено, било предадено на член на семејството.
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, побара од администрацијата на Доналд Трамп да ги запре операциите на имиграциската служба во градот.
Од враќањето на Трамп на функцијата, федерални имиграциски агенти застрелале најмалку 21 лице, од кои седуммина загинале, што предизвика протести низ САД.