Агелер за ставањето на црната листа на Камчев: Овие санкции не влијаат само врз него, туку и оние што имаат бизнис со него

Американската амбасадорката Анџела Агелер се огласи откако американското Министерство за финансии соопшти дека бизнисменот Орце Камчев е ставен на црната листа за корупција, поткуп, перење пари и други кривични дела. Низ кратката објава таа вели дека корупцијата има последици.

„Овие санкции не влијаат само врз поседувањата и имотот на г-дин Камчев, туку и врз оние кои имаат бизнис со него. САД ќе продолжат да таргетираат корумпирани поединци кои што го поткопуваат владеењето на правото и стабилноста на Северна Македонија. Корупцијата има последици“, пишува Агелер на Твитер.

Камчев заврши на црната листа како дел од поединци и субјекти за кои американските власти сметаат дека ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција и други дестабилизирачко однесување.