Австриската амбасада преку допис до медиумите го критикува македонското правосудство, барајќи да се разрешат сите судии и јавни обвинители, но и да им се укинат лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спор што се води меѓу австриската компанија „АММА ДОО Хоенемс“ и валандовската фирма „Дена трејд“ за производство на корнишони.
Во случајот австриската компанија не може да си наплати долгот од 4,5 милиони евра во меѓународна арбитража. Станува збор за компанија која се занимава со трговија на големо и дистрибуција на земјоделски производи, која има побарувања во висина од 4,5 милиони евра од „Дена“.
И покрај тоа што арбитражата е призната во Македонија, на македонските судови им беа потребни неколку месеци за да ја потврдат, а тој период „Дена“ го искористила да префрли голем дел од својот имот на друга компанија, „Глобал трејд ДММ ДООЕЛ“.
Според дописот од австриската амбасада, сопружниците-сопственици на „Дена продукт“ и „Глобал трејд“ успеале да избегнат две присилни извршувања врз нивниот имот, преку манипулирање на податоците во Катастарот. Тие дури закажале и јавна аукција на две оранжерии, која треба да се одржи на 10 јули во Кавадарци.
Во јавниот допис насловен „Повик за владеење на правото“, амбасадата смета дека потфрлиле и судиите и обвинителите, иако австриските инвеститори пријавувале дека не се почитува арбитражата и наплатата на долгот, како ни судските одлуки за замрзнување на имотот.
Амбасадорот Георг Вуцас побара од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во неодамнешно писмо да ги отстранат сите неспособни и пристрасни судии и обвинителите во овие случаи под итно. Секој притисок и влијание се некомпатибилни со независноста на судството и мора да се пријави за понатамошно постапување. Покрај тоа, Вуцас ги повикува надлежните комори на извршители и нотарите да ги укинат лиценците на правните службеници кои ги злоупотребиле или се за злоупотреба на нивните овластувања.