Австралиска новинарка: Класична местенка за Ѓоковиќ, сите ѝ се смеат на Австралија поради политичарите

Австралиската новинарка Лиз Сторер во изјава за британски медиуми вели дека политичарите во „земјата на кенгурите“ се виновни за ситуацијата со Ѓоковиќ. Таа смета дека се работи за местенка поради што српскиот тениски ас го сместија во мигрантски хотел, но вели дека со тоа земјата ја посрамотиле.

„Сите зборуваат за проблем со визата, а таков проблем – нема! Визата нема никаква врска со вакцинацијата и тоа е непобитен факт. Новак добил „лекарски исклучок“ од два различни здравствени одбори. И ова веќе личи на чиста местенка. Ова е како некој свесно да му го наместил случајот на Ѓоковиќ. Прв е премиерот Скот Морисон, кој еден ден пред доаѓање на српскиот тенисер објави дека Новак ќе биде депортиран, ако документацијата не биде добра. И за чудо, тоа се случи. Нема шанса тимот на Ѓоковиќ да направиле грешка со документацијата за виза. Па, тие првпат ли вадат виза, поднесувале илјадници вакви барања. Затоа сето ова е политички мотивирано“ – вели Лиз Сторер.

Таа потенцира дека очекува во понеделник судот да ја преиначи одлуката и Ѓоковиќ да остане во Мелбурн и да настапи на Австралија опен.

„Не знам што мислеа или очекуваа властите, ама знам дека Новак има врвен адвокатски тим, кој веќе му овозможи останување до понеделник, а јас навивам и очекувам да остане. Се надевам ќе ги добие и ќе игра на Австралија опен. Тој сам треба да реши дали ќе се вакцинира или не, а најмизерно е што го ставија во хотел со мигранти, таму каде што ставаме луѓе кои направиле нешто нелегално. А, што направи Ѓоковиќ нелегално?“ – додава таа.

Сторер смета дека сега цел свет и се смее на Австралија поради тоа што, како што вели, „политичарите ја посрамотеа земјата“.