АА: Да се отстранат импутирани 132.000 лица, дијаспората да се попишува во општини во земјава

„Законот за попис на населението предвидува граѓаните да се попишат според местото каде што живеат, а не според адресата во матичните книги, додека вкрстувањето на податоците се прави само за лицата коишто се попишале на терен и не може да се евидентираат лица коишто не се сретнати на терен.  Апелираме, под итно да се отстранат импутираните 132.000 лица, бидејќи тие не биле  попишани на терен, им недостигаат етничката припадност, куќите или становите каде што живеат, професијата, нивото на образование, работното место и многу други податоци“. Ова меѓудругото стои во соопштението на опозициската Алијанса на Албанците.

Од партијата бараат „Заводот за статистика под итно за нерезидентните лица да ги објави општините кадешто живеат во земјата, каде тие поседуваат куќа или стан и секоја година се враќаат и придонесуваат за економијата на државата“.

„Опфаќањето на импутираните лица без етничка припадност од една страна и необјавувањето на живеалиштето на лицата од дијаспората имаат негативно влијание во прикажувањето на реалниот процент на етничките заедници во земјата и со тоа се ставаат во опасност колективните права коишто ги уживавме до сега. Конкретно, процентот на Албанците во Кичево опадна под 50 отсто и со тоа се загрозува правото на употребата на националното знаме. Резултатите на пописот се изманипулирани и ова го потврдува еден неспорен факт за којшто надлежните ќе треба да дадат објаснување. Од објавените резултати имаме околу 400 илјади лица до 18 годишна возраст, додека на гласачките листи од истата година, 2021, имаме 1.8 милиони гласачи. Ако направиме збир на гласачите и лицата под 18 години ќе добиеме резултат најмалку 2 милиони и 200 илјади жители, додека од пописот се објави дека резидентното население и нерезидентното вкупно се 2 милиони и 90 илјади.  Само според официјалните податоци недостигаат најмалку 100 илјади жители“ се вели во соопштението на АА.